28 СЕПТЕМВРИ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА БЕЗБЕДЕН АБОРТУС: „СОЛИДАРНОСТ ВО АКЦИЈА“ – БЕЗБЕДНИОТ АБОРТУС Е ГРИЖА ЗА ЗДРАВЈЕТО, ТОЈ МОРА ДА Е ДОСТАПЕН ЗА СИТЕ
Безбеден абортус не значи само законски дозволен абортус. Тој значи навремена, достапна, квалитетна и доверлива здравствена услуга, без финансиски, географски и други бариери. По повод 28 септември – Меѓународниот ден за безбеден абортус, ХЕРА се приклучува кон овогодишната глобална кампања „Солидарност во акција: Унапредување на репродуктивната правда и итно зајакнување на здравствените системи за сеопфатна грижа за абортус”, со порака дека абортусот е здравствена грижа и мора да биде достапен за сите.

Северна Македонија има воспоставена здравствена рамка за медикаментозен абортус, но пристапот до услугата и понатаму не е еднаков низ земјата. Во 2024 година, на национално ниво биле регистрирани 2.207 абортуси, од кои 36% биле медикаментозни, додека на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје медикаментозниот метод бил користен кај 93,5% од абортусите. Ова ја покажува потребата услугата да биде достапна и во другите јавни здравствени установи низ земјата, а не само во Скопје.
Медикаментозниот абортус е безбедна, високо ефективна и неинвазивна метода за прекинување на бременоста, која се спроведува со употреба на лекови, наместо со хируршка интервенција. Според Светската здравствена организација, абортусот е многу безбедна здравствена интервенција кога се спроведува со препорачан метод, соодветен на гестациската возраст. Медикаментозниот абортус може безбедно да се обезбедува и во примарната здравствена заштита, со соодветно обучени здравствени работници. ХЕРА во континуитет работи на јакнење на капацитетите на здравствените работници и проширување на пристапот до медикаментозен абортус.
Токму затоа, децентрализацијата на услугите е клучна. Во јули 2026 година, ХЕРА во партнерство со Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски” во Битола го отвори првото Советувалиште за медикаментозен абортус надвор од Скопје, со што жените од Пелагонискиот и соседните региони добија пристап до услугата поблиску до местото на живеење. Советувалиштето е второ од ваков вид во јавното здравство и е воспоставено по моделот што од 2021 година функционира на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Сепак, жените и понатаму може да останат без пристап до медикаментозен абортус поради недостиг на лекови. Лековите за медикаментозен абортус не се регистрирани за ставање во промет во земјата и се обезбедуваат преку интервентен увоз. Секоја година навремената набавка и снабдувањето претставуваат предизвик, поради што услугата може да биде недостапна и по неколку месеци.
Правото на абортус не завршува со тоа што услугата е законски дозволена. Вистинскиот пристап значи жената да може да добие навремена, безбедна и квалитетна здравствена услуга таму каде што живее, без непотребни финансиски и организациски бариери.
Отворањето на Советувалиштето во Битола покажува дека децентрализацијата е можна и дека здравствениот систем може да ја доближи услугата до жените. Следниот чекор е овој модел да стане одржлив и достапен и во другите региони.
За да се обезбеди еднакво достапна грижа за абортусот, ХЕРА повикува на:
регистрација на лековите за медикаментозен абортус и нивна редовна и навремена достапност во здравствениот систем;
децентрализација и воспоставување услуги за медикаментозен абортус во повеќе јавни здравствени установи, особено надвор од Скопје;
зголемување и одржливо финансирање на средствата за медикаментозен абортус и контрацепција во рамки на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца;
континуирано јакнење на капацитетите на здравствените работници за обезбедување квалитетна грижа за абортусот, заснована на современи медицински докази и со почитување на приватноста, достоинството и информираната согласност.
На 28 септември, „Солидарност во акција” значи да не се задоволиме само со законско право на абортус, туку да изградиме здравствен систем кој овозможува тоа право да се оствари во пракса. Без разлика каде живеат, колку заработуваат или со какви други бариери се соочуваат, жените заслужуваат безбедна, навремена, доверлива и квалитетна здравствена грижа. Абортусот е здравствена грижа – и пристапот до неа мора да биде реален за сите.






