ВИДЕО + ФОТО: Сузбиена група поврзана со ИСИС, поднесени кривични пријави за тероризам и недозволена трговија со оружје
Пет лица се уапсени, а тројца осомничени добија кривични пријави откако полицијата разби организирана криминална група од Скопје поврзана со тероризам и недозволена трговија со оружје.

Акцијата ја спроведоа Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Агенцијата за национална безбедност, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје, под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
При претреси на 12 локации во Скопје, извршени кај шест лица, биле пронајдени и одземени автоматски пушки, снајперска пушка, пиштоли, муниција од различен калибар, тактички елек, радио-врски, знаме на терористичката организација ИСИС, електронски уреди и поголема сума домашни и странски парични средства.
Според МВР, првоосомничениот К.И. (34) од Скопје од 2023 година дејствувал во рамки на злосторничка организација заснована врз идеологијата на ИСИС, со цел извршување кривични дела на територијата на државата. Тој, како што наведува полицијата, вршел индоктринација на млади лица, ширел пропаганден материјал со екстремистичка и радикална содржина и набавувал и ракувал со оружје.
Истрагата утврдила дека К.И., заедно со Б.А. (24) и Е.С. (30), формирале група која неовластено поседувала, посредувала и тргувала со огнено оружје и муниција.
Одделот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам поднесе кривична пријава против К.И. за кривичните дела „тероризам“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“, додека против Б.А. и Е.С. е поднесена пријава за недозволена трговија со оружје.
Во текот на акцијата било откриено и неовластено користење електрична енергија, за што надлежните институции преземаат дополнителни мерки.






