Ѓорѓиевски: Завршена постапката за набавка на автобусите, Скопје ќе добие 100
– Завршена е постапката за набавка на новите автобуси и потпишан е договорот, а во тек е рокот за нивна испорака – изјави денеска градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека главниот град ќе има приоритет во распределбата на возилата.
–
Скопје од тие 150 автобуси го има приоритетот, односно додека не се исполни квотата од 100 автобуси за градот, нема да се доставуваат автобуси за другите општини. Тоа го кажа и министерот, господинот Николоски, тоа го кажа и претседателот на Владата, така што еве уште еднаш да го повторам – рече скопскиот градоначалник.
Тој информира дека паралелно се работи на подготовка на инфраструктурата за новите автобуси во координација со ЕВН и ЈСП.
– Мој близок соработник е одговорен како претставник од Град Скопје, а задолжен е и директорот на ЈСП. Во постојана комуникација сме со ЕВН и веќе се излезени сите тимови и екипи на терен да работат и кога ќе стигне првата тура на автобусите, ние да бидеме спремни со инфраструктура. Некаде станува збор за стара мрежа, која не може да го издржи капацитетот, и затоа влегуваме со обновување на мрежата, некаде ќе треба да се постават трафостаници за функционалност. На три точки работиме: едната е новата железничка станица, едната е Автокоманда и едната е Ѓорче Петров, такашто ќе влеземе подготвени во процесот – потенцира скопскиот градоначалник.
Одговарајќи на новинарско прашање за изградбата на булеварот Цветан Димов во Чаир, Ѓорѓиевски рече дека е во тек подготовка на основниот проект и на проектната документација, при што Општина Чаир е задолжена за документацијата, а Град Скопје за обезбедување средства и експропријација.
– Го спремаат основниот проект. Знаете дека од почетокот и така најавивме, обврските на Општина Чаир се да ја спреми целата проектна документација, а обврската на Град Скопје ќе биде да ги обезбеди средствата и да влезе во реализација. Експропријацијата исто така таму ќе ја вршиме ние како Град Скопје. Од она што последно го сумиравме на состанокот е дека до крајот на годината, како што и споменав, јас верувам дека ќе биде распишана тендерската постапка – рече Ѓорѓиевски.
Според него, станува збор за проект кој повеќе од 30 години бил најавуван, но досега не стигнал ниту до фаза на изработка на проектна документација.
– Тоа е проект што беше мисловна именка 30 години во Град Скопје, многупати ветуван од сите градоначалници, никогаш не дошол ни до фаза да се направи проектна документација за него – рече Ѓорѓиевски.
Во врска со поставувањето сигнализација на пешачкиот премин кај Бит-пазар, Ѓорѓиевски посочи дека проектот го подготвува Секторот за сообраќај на Град Скопје, во соработка со СВР Скопје, и најави дека набргу ќе следува реализација на терен.






