Враќањето“ на Самoил: Политички успех или историски цинизам

Бугарски историчари ја оценија одлуката како стратегиска, а други предупредуваат на последици, доколку Северна Македонија и Србија ги побараат од Бугарија вредностите земени од нивна територија.

Катерина Блажевска

Во Северна Македонија воздржаност, а во Бугарија поделени реакции – од еуфорија до критики, по договорот Атина да и ги даде на Софија останките на цар Самоил, во замена за реликвии кои од грчки манастири биле однесени во Бугарија за време на Првата и втората светска војна.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, одговарајќи на новинарско прашање, го поздрави враќањето на останките на цар Самоил во Бугарија, но рече дека сака да знае што ќе даде Софија во замена.

„Им честитам ако можат да ги донесат, но сепак сакам да знам што ќе дадеме ние. А токму тоа никој не го знае. Може да не е поволно за Бугарија. Нека ја објасни одлуката тој што ја донел“, рече Борисов.

Потсети дека самиот преговарал за тоа уште во времето кога Костас Караманлис бил премиер, потоа со Андонис Самарас, со Алексис Ципрас и со Киријакос Мицотакис, но секогаш клучното прашање било: што ќе се размени? Бугарски историчари и експерти му укажувале дека тоа што се предлага за размена „не е поволно за Бугарија” и затоа тогаш не била донесена политичка одлука. Од тие причини, во време на неговиот прв кабинет била формирана комисија за да ги процени можните опции.

Бугарскиот политичар Бојко Борисов во крупен план со замислен израз на лицето
Борисов, go поздрави враќањето на останките на цар Самоил во Бугарија, но рече дека сака да знае што ќе даде Софија во заменаФотографија: Ye Pingfan/imago/Xinhua

Дипломатски успех

Дел од бугарските историчари во еуфорија ја прогласуваат одлуката за „историска“, „стратегиска“, а предавачот на Историскиот факултет на Софискиот универзитет, проф. Христо Матанов ја опиша и како „епохална“. Прашан какви реакции може да предизвика одлуката во Северна Македонија, во пакет со оценката, тој дури и фактите и ги препушти на дипломатијата.

„Ова е голема шлаканица за нив (за Македонците – н.з.), откако се докажа со највисока форма на дипломатија дека Самоил е бугарски цар“, изјави Матанов за бугарската ТВ Нова, наведувајќи дека „е очигледно оти тајната дипломатија дава резултат“.

Историчарот доц. проф. Тодор Чобанов во истиот медиум оцени дека договорот со Грција е стратегиски успех за бугарската држава.

„Категорично, тоа е стратегиска одлука, бидејќи се однесува на една од најчувствителните теми во добрососедските односи со Северна Македонија. Знаете дека имаме Договор за добрососедство, имамеисториска комисија која за жал не работи, не по наша вина. Располагам со скенирани учебници од гимназиите таму, каде пишува дека Самоил ги ослободувал македонските Словени од бугарските поробувачи. Како што нашите соседи, Грците, успеаја да се справат со обидите да биде присвоен Александар Македонски, така и ние на категоричен начин еднаш засекогаш треба да ги запреме обидите да прават шпекулации со историјата на Самоил и неговите огромни напори да го зачува бугарското царство”, изјави Чобанов, додавајќи дека враќањето на останките имало и огромна емотивна вредност за бугарскиот народ.

Давање или враќање?

Но, сите не се согласуваат со ваквите оценки. Горан Благоев, бугарски историчар и автор на документарниот филм „Островот на цар Самоил“ вели дека не може некритично да ја сподели сенародната еуфорија ниту вистински да се радува на одлуката.

Споменикот на Цар Самоил во Скопје. Човек со капче и портокалова маичка и жолт елек поминува покрај него
Во Северна Македонија владее воздржаност по договорот Атина да и ги даде на Софија останките на цар СамоилФотографија: picture-alliance/dpa/T. Brey

„На почетокот, едно појаснување: Грција не ни ги враќа, туку ни ги ДАВА!“, пишува тој на Фејсбук.

„Вообичаено, се разнесуваат мошти на светците. Коските на покојниците, без разлика дали тие биле и владетели, почиваат на местото каде што биле погребани. Ако сегашната бугарска политичка елита се грижи за историската вистина, требало да инсистира коските на цар Самоил да бидат повторно погребани во црквата „Свети Ахил“, пишува Благоев.

Тој наведува дека вредностите што Софија треба да ги даде на Атина не биле украдени од страна на Бугарија за време на Првата светска војна, туку биле бугарски, спасени и однесени на сигурно место – во Софија.

„Не сме го краделе туѓото, туку сме го спасиле своето“, потенцира тој.

Пештерски патриотизам

Според Благоев, за препогребување на коските на цар Самоил – таму каде што се најдени – требало да настојуваат и бугарските политичари и научниците кои ги советуваат, а во спротивното препознава политичка конјуктура.

„Но првосигналниот патриотизам, чија цел очигледно е донесувањето на коските да го претвориме во предизборна иницијатива за поддршка на Јотова и во политички акт за да им истриеме носовите на северно-македонците, тој првосигнален и пештерски патриотизам ќе ни донесе лавина от проблеми“, наведува Благоев.

Поглед на самоиловата тврдина на која на јарбол се вее македонското знаме. Под неа се гледа градот Охрид
Според некои бугарски историчари актуелниот договор за останките на Самоил е голема шлаканица за македонските власти.Фотографија: Fotolia/Image Source IS2

Притоа посочува какви проблеми ќе предизвика преседанот со „реципроцитетот“ во размената на вредности.

„На истиот начин сме дејствувале и во Вардарска Македонија и во западните покраини. И токму тука лежи големата опасност (…) Во Скопје и во Белград исто ќе побараат – врз основа на веќе создадениот преседан, да им вратиме вредности што се земени од нивна територија, но всушност се со бугарско потекло. Што ќе прават тогаш Радев и Јотова. За што ќе ги заменат?”, прашува Благоев.

Јавно го прашува тој политички тандем, дали вреди да ги жртвуваат вредностите заради коските на цар Самоил – кои, макар и чувани во Византискиот музеј во Солун – досега биле недвосмислена потврда дека неговото кралство се протегало сè до Северна Грција.

„Дали иницијаторите на оваа политичка трговија сфаќаат каков цинизам создаваат – останките на владетелот, кој 40 години го бранел бугарскиот суверенитет од Византија, денес неговите потомци ги тргуваат со наследниците на истата таа империја. Мислам дека самиот Самоил нема да ни прости за ова“, оценува Благоев.

 

 

Back to top button
Close