Наместо тромбоза, ѝ дијагностицирале ревматоиден артритис: Петмина лекари од Битола обвинети по смртта на 40-годишна пациентка
Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против петмина лекари интернисти од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“, кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето поради несовесно лекување на 40-годишна пациентка, која подоцна починала.

Според Обвинителството, лекарите во периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година, на Одделот за интерни болести, не постапиле соодветно при лекувањето на пациентката, со што дошло до влошување на нејзината здравствена состојба.
Пациентката првично била упатена во болницата од матичен лекар, кој се сомневал на тромбофлебитис. По прегледот на интерното одделение, без целосна анамнеза и детални анализи, ѝ била поставена дијагноза ревматоиден артритис и била дадена терапија, по што била пуштена дома.
Обвинителството тврди дека на тој начин не била навремено откриена и дијагностицирана тромбозата, ниту била дадена соодветна терапија. Со тоа, како што се наведува, била пропуштена можноста навремено да се открие и лекува тромботичниот процес и да се спречи или ограничи неговото напредување.
На 1 јуни 2024 година, пациентката повторно се јавила во болницата со силни болки во стомакот и влошена општа состојба. Иако била хоспитализирана, во следните четири дена, според обвинителството, не биле преземени дополнителни дијагностички испитувања и покрај абнормалните лабораториски и биохемиски резултати.
На 4 јуни попладнето, пациентката побарала помош во приватна клиника во Скопје, каде што била примена во тешка општа состојба. При итниот хируршки зафат била утврдена тромбоза на горната и долната мезентерична артерија, со целосна гангрена на тенкото и дебелото црево.
Состојбата веќе била неоперабилна, а пациентката починала на 5 јуни 2024 година.
Петмината лекари се товарат за кривично дело „Тешки дела против здравјето на луѓето“ од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.





