(Видео) Филипче: Четири земји имаат јасен патоказ кон членство во ЕУ до 2030 година, Македонија ја нема меѓу нив
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција во Собранието изјави дека Македонија не е меѓу четирите земји за кои, според него, постои јасен патоказ кон членство во Европската Унија до 2030 година. Во пресрет на најавената посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тој го повика премиерот Христијан Мицкоски да не ја доведува во прашање европската иднина на земјата.

– До 2030 година, отворена е вратата во Европа, земји членки ќе станат Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија. Нас нè нема. Не знам дали сте свесни каква тежина политичка има овој момент во којшто после 30 и кусур години ние сме во ќор-сокак за Европа, по желба лична на Христијан Мицкоски. Дали сте свесни дека има јасен, чист патоказ за четири земји и нас таму нè нема – рече Филипче.
Тој ја критикуваше позицијата на Мицкоски во однос на заштитата на името, јазикот, културата и идентитетот, оценувајќи дека тие се зачувани со меѓународниот договор. Филипче предупреди дека, според него, продолжувањето на политиката на изолација ќе значи сиромаштија и иселување.
Прашан за изјавите поврзани со моштите на цар Самоил, Филипче рече дека историските прашања треба да им се препуштат на историчарите.
– Јас историјата би ја оставил на историчарите. Јас сакам да зборуваме за иднината. Историчарите нека зборуваат за тоа што било, како било – рече Филипче.
Во пресрет на посетата на Фон дер Лајен, тој упати порака до премиерот. – На Христијан сакам да му порачам, нека размисли добро. Ако треба вечер, нека не спие. Што ќе ѝ каже утре на Фон дер Лајен? Да не се игра со иднината на земјата, затоа што може да му судат следните генерации – порача Филипче.






