СДСМ: Мицкоски да каже како понатаму откако Фон дер Лајен потврди дека македонскиот идентитет е признаен во ЕУ

„Како Мицкоски ќе го деблокира процесот? Фон дер Лајен потврди дека македонскиот идентитет е признаен во ЕУ. Што брани Мицкоски? Како понатаму?“, се прашањата на кои Кузеска побара одговор од премиерот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера потврди дека македонскиот идентитет е признаен во ЕУ. Со тоа се потврди она што СДСМ и претседателот Филипче го говорат. Ова денеска на прес-конференција го истакна портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, повикувајќи го премиерот Христијан Мицкоски да каже како понатаму откако „сите лаги се на виделина“.
„Ветуваше враќање на името, Никогаш Северна, укинување на Преспанскиот договор, подобра преговарачка позиција, промена на преговарачка рамка. Дојде на власт и одеднаш Преспанскиот договор стана ремек дело на дипломатијата, НАТО стана одлична работа за бизнисот. Сиљановска призна дека со Преспанскиот договор македонскиот јазик и идентитет се заштитени. Нас не обвинуваше за предавство, граѓаните ги лажеше за загрозен идентитет“, рече Кузеска.
Кузеска обвини дека со блокадата на европски пат од страна на премиерот Мицкоски земјата загубила две и пол години, додека регионот оди напред.
„Нема патоказ за Македонија, прво мора да се случи деблокада на процесот. А, тука е и европското обвинителство. Мицкоски го насочија кон Бугарија и тој експресно прифатил. Побарал билатерална средба со Бугарија меѓу Муцунски и Петрова која треба да се случи следната недела. Мицкоски бараше медијација од ЕУ, тоа не го доби, наместо тоа доби порака да оди и да се обрати во Бугарија“, кажа Кузеска.
Таа потсети на неколку вчерашни изјави на Фон дер Лајен околу одблокирање на процесот и оти Преспнаскиот договор е вистинска политичка храброст порачувајќи дека европскиот пат повторно бара таква храброст за да се надминат предизвиците.
„Како Мицкоски ќе го деблокира процесот? Фон дер Лајен потврди дека македонскиот идентитет е признаен во ЕУ. Што брани Мицкоски? Како понатаму?“, се прашањата на кои Кузеска побара одговор од премиерот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на вчерашната заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски рече дека ЕУ ќе ѝ посака добре дојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик и оти верува дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат Унијата побогата.
Шефицата на ЕК порача дека усвојувањето на уставните измени и натаму останува следниот чекор што земјава треба да го преземе за да се придвижи на својот евроинтегративен пат.
Извор: 360stepeni.mk






