Мицкоски не е задоволен од пораките на Фон дер Лајен, но ја оцени средбата како содржајна

Рече дека тоа што го кажала Фон дер Лајен во однос на реформите создава чувство на охрабрување особено пораката дека личниот ангажман на Владата и испораките се нешто што преставува најдобро во регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски не е задоволен од пораките што вчера ги испрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен иако средбата со неа ја оцени како исклучително пријателска, корисна, содржајна и за која вели дека можеби во иднина ќе биде клучна за некои процеси.
Тие процеси очекува да почнат следната недела откако Министерството за надворешни работи и надворешна трговија испратило барање до бугарските колеги за билатерална средба.
„Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа што е прифатена од претходната Влада и коалиција на СДСМ и ДУИ кои во отстуство на креативност и идеи за надминување на оваа состојба и единство со Владата се обидува преку лаги и измислици да испраќа пораки дека ние ќе сме ја променеле преговарачката рамка. Еве како што гледаат стигнавме до разговори. Порано нешто што не беше возможно еве се случи, разговараме. И уште многу работи ќе направиме што тие не можат ни во најдобриот сон да го замислат. Само треба време, ќе се случи се“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Според Мицкоски, во земјава има „квислинзи што распорадваат“ и „патриотска влада“ што, како што рече, си ја сака државата и треба да го врати тоа што е распродадено.
„Тоа мислам на СДСМ, овие од ДУИ тоа не ги интересирало ниту имале какви било чувства кога постигнувале договор таму“, рече Мицкоски.
Рече дека тоа што го кажала Фон дер Лајен во однос на реформите создава чувство на охрабрување особено пораката дека личниот ангажман на Владата и испораките се нешто што преставува најдобро во регионот.
„Постепената интеграција е исто така шанса за нас. Сето ова не охрабрува и не мотивира да продолжиме по патот на реформите што следи“, кажа премиерот.
Тој најави дека во ноември два пати ќе оди во Брисел – првиот пат е кај еврокомесараката за проширување и добрососедска политика и вториот е на регионалниот самит што го имаме со ЕУ и Западен Балкан.
„Нема предавање, ќе се бориме, не е лесно, премногу испопродадоа овие претходно, премногу испоуништија, премногу испокрадоа, но не се откажуваме. Украденото ќе го вратиме, тоа што е распродадено ќе се бориме да го повратиме. Тоа е задачата на оваа генерација“, додаде Мицкоски.
Во однос на најавената билатерална средба со бугарската страна, на новинарско прашање дали има повратна информација и што очекува од средбата, како и што би се случило доколку таа биде одбиена, Мицкоски рече дека во таков случај „уште еднаш ќе се потврдат сите оние тези коишто ние ги имаме и за што сме загрижени“, но додаде дека не го очекува тоа.
„Не очекувам, не би било паметно да одбијат, но во ред, тоа е нивна суверена одлука, не е тоа наша одлука. Јас добив, би рекол, конструктивен совет од страна на претседателката, да го замолам министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба на маргините на состанокот повод Коридорот 8. Јас тоа го сторив, бидејќи ценам дека претседателката апсолутно беше во право кога го предложи тоа. Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму“, рече Мицкоски.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера информираа дека го испратиле барањето за средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова, иницијативата што дојде по средбаТА на премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен во Скопје.
Доколку дипломатската нота добие позитивен одговор од другата страна, средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија би се одржала следната недела во Софија, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.
Извор: 360stepeni.mk






