МВР: „Таск форс“ и викендов активно против недозволената трговија со дрога – 20 лица лишени од слобода
Од 2 до 4 октомври, припадниците на Министерството за внатрешни работи, преку координирани активности на Работниот тим – Task Force, постапуваа во 13 случаи поврзани со недозволена трговија со дрога, на подрачјето на повеќе Сектори за внатрешни работи и Регионални центри за гранични работи. Во рамки на преземените активности извршени се повеќе прегледи и претреси на лица, возила, домови и други простории, при што е запленета поголема количина наркотична дрога, а 20 лица се лишени од слобода, меѓу кои и двајца странски државјани – од Полска и Чешка, соопштија попладнево од Министерството за внатрешни работи.
– Во текот на викендот, на подрачјето на СВР – Струмица во еден од случаите, полициските службеници пронашле и одзеле 59 стебла марихуана со вкупна тежина од околу 680 килограми, додека во друг случај пронајден е и одземен голем патнички куфер полн со марихуана. На подрачјето на СВР – Скопје, при претреси на три локации што ги користело едно лице, одземени се осум кеси со околу 800 грама марихуана, при што лицето е лишено од слобода. На подрачјето на СВР – Велес, при претрес на дом и преглед на лице, одземени се 29 помали кеси со вкупно 15 грама кокаин, 14 грама кафеавкаста материја и околу 5.000 евра. Во рамки на активностите на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, извршени се претреси на четири локации, при што две лица се лишени од слобода, а пронајдени и одземени се околу 200 грама кокаин, 505 милилитри масло од хашиш и 4,58 грама марихуана – информираа од МВР.
Како што додадоа, за преземените активности ќе следуваат соодветни кривични пријави.
– Ова се конкретни резултати од координираната работа на полициските службеници на терен и продолжение на засиленото постапување против лицата и криминалните структури инволвирани во производство и недозволена трговија со наркотична дрога. Министерството за внатрешни работи продолжува со засилени активности за сузбивање на недозволената трговија со дрога и откривање на лицата инволвирани во овој вид криминал – додадоа од МВР.






