Гаши ја потпиша Одлуката за формирање на Совет на поранешни претседатели на Собранието
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешната трета средба со поранешните претседатели на Собранието – Тито Петковски, Никола Поповски, Трајко Вељаноски и Јован Митрески, ја потпишал Одлуката за формирање на Совет на поранешни претседатели на Собранието на Република Северна Македонија.
Како што соопшти собраниската прес-служба, поранешните претседатели на Собранието биле информирани за идејата и целта на одлуката на претходните две средби, одржани на 21 октомври 2025 година и на 7 април 2026 година.

Целта на формирањето на Советот, како што се наведува во соопштението, кој ќе функционира како неформално советодавно и консултативно тело, е обезбедување континуитет на институционалната меморија на Собранието, унапредување на парламентарната практика и демократијата, како и давање стручни и советодавни мислења за прашања од значење за работата на законодавниот дом.
На средбата биле разменети мислења и за одделни процедурални прашања во работењето на Собранието, прашања што се однесуваат на дигитализацијата на работењето на Собранието во рамките на Националната стратегија за дигитализација, идејата за Библиотека на Собранието и за други актуелни прашања од интерес на работењето на Собранието и прашања од интерес на државата.






