Алијанса за Албанците: Ниту еден Албанец меѓу 13-те најдобри наставници

Алијанса за Албанците реагира на изборот на најдобрите наставници за учебната 2025/2026 година, посочувајќи дека ниту еден од 13-те избрани наставници не е Албанец.
Од партијата велат дека меѓу избраните има и наставници од Тетово и Гостивар, каде што, како што наведуваат, има голем број албански ученици, наставници и професори.
„Од 13-те наставници прогласени за најдобри за учебната 2025/2026 година, ниту еден не е Албанец. Ниту еден“, се наведува во реакцијата на Алијанса за Албанците.
Од партијата сметаат дека ваквата состојба тешко може да се објасни како случајност и велат дека повторливото отсуство на Албанци од листите на избрани, наградени и унапредени лица може да укажува на, како што го нарекуваат, „модел на институционално исклучување“.
Алијанса за Албанците се повикува и на неодамнешниот избор во Средното полициско училиште, посочувајќи дека од 310 примени ученици, според нивните наводи, само девет биле Албанци.
Партијата бара Министерството за образование и наука јавно да ги објави критериумите според кои биле избрани најдобрите наставници, бодовите на кандидатите, како и составот на комисијата која одлучувала за признанијата.
„Албанците не бараат подароци ниту привилегии. Бараат само држава која ги гледа, ги вреднува и ги третира еднакво“, наведуваат од Алијанса за Албанците.
Од партијата истовремено ги повикуваат претставниците на Албанците во Владата да одговорат на, како што велат, повторливото исклучување од различни институции.






