Јеменските Хути го прогласија саудискиот воздушен простор за „небезбеден“ за авиокомпаниите

Центарот за координација на хуманитарни операции, поврзан со движењето на Хутите во Јемен, денеска ги предупреди авиокомпаниите што оперираат во саудискиот воздушен простор, прогласувајќи го за „небезбеден“ во екот на најновата воена ескалација.
Телевизиската станица Ал Масирах, кој е под контрола на Хутите, го цитираше центарот кој изјави дека саудискиот воздушен простор ќе стане „театар за операции“ на силите поврзани со групата, истовремено објавувајќи дека „Република Јемен“ нема да сноси никаква одговорност по ова предупредување.
Центарот соопшти дека мерката е поттикната од она што го опиша како „саудиска агресија“ врз Јемен преку воздушни напади, додавајќи дека предупредувањето е издадено од грижа за безбедноста на цивилното воздухопловство.
Од секакви напади се изземени воздушните простори над градовите Мека и Медина, при што беше нагласено дека двата града ќе останат „безбедни во секое време“ од нивните сили.
Предупредувањето дојде откако властите на Јемен поддржани од Саудиска Арабија објавија операција наречена „Зора на Јемен“, со што се сигнализира ескалација на борбите со Хутите, кои се сојузници на Иран, на неколку фронтови, особено околу протокот Баб ел-Мандеб, стратешка поморска точка што ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив.
Ривалските фракции во Јемен со недели се вмешани во жестоки борби.
Во септември, милицијата на Хутите презеде контрола врз целиот брег на Црвеното Море во Јемен во брза офанзива, со што исто така доби пристап до стратешки важниот проток Баб ел-Мандеб (Порта на солзите).
ДПА нагласува дека засега нема реакција од Саудиска Арабија во врска со соопштението. ј






