Тепачка меѓу пратеници во ерменскиот парламент по обвинувања за проневера на јавни средства
Физичка пресметка изби денеска во ерменскиот парламент меѓу пратениците од владејачката и опозициската фракција по говорот на Едгар Казарјан, пратеник од опозициската партија „Силна Ерменија“, кој го обвини претседателот на Собранието, Рубен Рубињан, за проневера на јавни средства.

За време на говорот, Казарјан ги повика пратениците од владејачката партија „Граѓански договор“ да не ги трошат бонусите што ги добиле бидејќи, според него, тие средства треба да бидат вратени во државниот буџет.
– Рубињан дозволи проневера на државни средства. Ве повикувам да не ги трошите овие 250.000, да не ги трошите бонусите. Од вас ќе ја вратиме секоја, до последна копејка – изјави опозицискиот пратеник. Инаку, 250.000 ерменски драми изнесуваат приближно 616,83 евра
Претседателот на парламентот Рубињан го повика Казарјан да зборува само за точките од дневниот ред на седницата, по што му го исклучи микрофонот. Кога опозицискиот пратеник се врати на своето место, изби вербална расправија меѓу претставниците на владејачката партија и опозицијата, која брзо прерасна во физичка пресметка.
Инцидентот го сними фоторепортер на медиумот „Панорама“. На видеоснимките се гледа како пратеникот од „Граѓански договор“, Хајк Галумјан, а потоа и неговите сопартијци, ги напаѓаат членовите на фракцијата „Силна Ерменија“.
Рубињан ги повика пратениците да се вратат на своите места, но откако започна пресметката, тој прогласи пауза и повика обезбедување. Припадниците на обезбедувањето ги изведоа пратениците од салата, по што конфликтот продолжи во ходниците на парламентот.






