Неколку стотици илјади луѓе протестираат во Франција заедно со средношколците и студентите
Неколку стотици илјади луѓе излегоа денеска на улиците низ Франција заедно со средношколците и студентите за време на новиот ден на мобилизација во рамки на протестното движење што е проследено со распространето насилство ширум земјата, а кое сега ужива и поддршка од синдикатите и левичарската опозиција, пренесе парискиот весник Монд.
Учениците кои ги блокираат своите училишта бараат подобри услови за учење и дополнителни финансиски средства. Тие посебно ги критикуваат преполните училници и лошите распореди на часовите, како и недостигот од наставен кадар, додека истовремено повикуваат на темелна реформа.
Според податоците на Синдикатот на средношколците, во моментов се блокирани 2.000 средни училишта ширум Франција – од вкупно околу 3.700. Тој синдикат на X соопшти дека во мобилизацијата учествуваат сите универзитети во земјата.
Студентскиот синдикат, меѓусиндикалната коалиција за образование, како и радикално левичарската партија Непокорена Франција, Комунистичката партија и Социјалистичката партија, повикаа на давање поддршка за младите преку протести.
Ширум Франција се планирани повеќе собири. Маршот тргна во 14.00 часот од Плоштадот Република во Париз. До пладне, синдикатот CGT регистрираше повеќе од 260.000 демонстранти на национално ниво, не сметајќи ги податоците од Париз и уште неколку големи градови.
Министерството за внатрешни работи соопшти попладнево дека во протестите ширум земјата учествувале вкупно 256.000 луѓе.
Движењето на протести на средношколците почна на 18 септември во училиштата во посиромашните предградија на Париз и се прошири ширум Франција.






