Еурофарм Пелистер освои бод и испушти победа на гостувањето во Полска

Македонскиот ракометен претставник Еурофарм Пелистер одигра нерешено 31:31 во дуелот од 2.коло од Лига Европа на гостувањето против полската екипа Вибжеже Гдањск. Битолчани во најголемиот дел од натпреварот имаа водство, но последниот напад за победа го имаше полската екипа, кој остана без реализација.
Еурофарм Пелистер во првиот дел ги имаше највисоките +3 (5:2), а на полувреме беше 17:16 за македонскиот тим. Притоа резултатот беше нерешен дури десет пати.
Во вториот дел Еурофарм Пелистер поведе и со +4 (24:20), но во последните минути не ја затресоа мрежата на противникот и тоа го искористи Вибжеже да изедначи на 31:31 за прв пат во второто полувреме. Во последната минута и двата тима не реализираа напад за победа.
Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски беше најефикасен со 15 голови, а голманот Саид Хаидарирад имаше 11 одбрани, колку што имаа двајцата голмани на полскиот тим.
Еурофарм Пелистер го освои првиот бод, а во следното коло гостува кај бундеслигашот Гумерсбах.






