Јустина Широка-Пуља нова претседателка на Косово
Доколку Собранието не успееше да избере шеф на државата, Косово ќе се соочеше со можност за нови парламентарни избори
По повеќечасовна политичка неизвесност и гласање кое се одвиваше на самиот истек на рокот, Собранието на Косово ја избра Јустина Широка-Пуља за претседателка на земјата.

Кандидатурата на Широка-Пуља ја поддржа движењето „Самоопределување“, а за неа гласаа 81 пратеник. На гласањето, еден пратеник го поддржа кандидатот на Демократската партија на Косово, Елиза Хоџа, додека двајца биле воздржани.
Изборот се случи во период на засилени политички тензии, бидејќи рокот за избор на претседател истекуваше на 6 октомври. Доколку Собранието не успееше да избере шеф на државата, Косово ќе се соочеше со можност за нови парламентарни избори.
Седницата започна непосредно пред полноќ, а гласањето заврши неколку минути по полноќ.
До договор за избор на претседател дојде откако беше постигнат политички компромис околу измените на Законот за Специјализираните комори. Предлог-законот беше усвоен во второ читање, што претставуваше еден од условите на ПДК за да го поддржи процесот за избор на претседател.
Претходно, во Приштина се одржуваше протест на поддржувачи на поранешната ОВК, по пресудата изречена во Хаг против нејзини поранешни лидери за воени злосторства. Протестот беше прекинат по усвојувањето на законските измени.
Кандидатурата на Широка-Пуља беше потврдена откако лидерот на ПДК, Бедри Хамза, го прифати предлогот на премиерот Албин Курти. На седницата присуствуваа пратеници од сите албански политички партии.
Новата претседателка на Косово има долгогодишно академско и политичко искуство.
Широка-Пуља е на чело на Академијата на науките и уметностите во Приштина. Дипломирала на Економскиот факултет во Приштина, а постдипломските студии ги завршила во Загреб. Докторирала на Економскиот факултет во Приштина, каде што работела и како професорка.
Нејзината политичка кариера е поврзана со Демократската партија на Косово. Во периодот од 2008 до 2011 година била министерка за енергетика и рударство, а од 2011 до 2014 година била пратеничка во косовското Собрание.
Со изборот на Широка-Пуља, Косово го избегна сценариото за автоматско влегување во нов изборен процес поради непостигнување договор околу изборот на претседател.
Нејзиниот мандат започнува во период во кој косовската политичка сцена останува поделена, а односите меѓу главните политички партии се под силно влијание на актуелните внатрешни и меѓународни прашања.






