Митева и Климовски не и кажаа на јавноста колку поединечно владата им платила на Гета, Карерас и другите звезди. Откри дека за сите топтан искеширале 2,1 милион евра

За хонорари на пејачите и музичките изведувачи кои настапија на прославата на 35-годишнината од независноста на Македонија биле потрошени 129.307.500 денари, односно околу 2,1 милион евра. Ова денеска го соопшти владината портпаролка Марија Митева, презентирајќи го финансискиот извештај за организацијата на прославата.

Иако Владата ја откри вкупната сума издвоена за артистите, јавноста сè уште не доби одговор на прашањето колку точно чинеле поединечните настапи на светските музички ѕвезди, меѓу кои и Дејвид Гета, кој настапи на централната прослава на 8 Септември во Скопје.

Митева информираше дека компанијата задолжена за реализацијата на програмата доставила извештај од 81 страница, во кој се опфатени организациските, продукциските, техничките и финансиските аспекти на прославата.

Сепак, при презентацијата на финансиската структура беа соопштени само вкупните трошоци по категории, без детална распределба на хонорарите за секој изведувач поединечно.

Покрај Дејвид Гета, во рамките на одбележувањето на независноста настапија и светски познатите музички имиња Стив Аоки, Пол ван Дајк, Пол Оукенфолд и Хозе Карерас, како и бројни македонски музичари и изведувачи.

Колку наплатиле Дејвид Гета, Хосе Карерас и останатите изведувачи, знае само организаторот „Стардаст“ тврдеше директорот на Лотарија Климовски и според него Лотарија немала ниту право да ги бара тие договори.

За хонорари на сите артисти што настапија при одбележувањето на 35 години независност на државата потрошени се 129 милиони денари, односно 2 милиони и 97 илјади евра, соопшти денеска генералниот директор на Државна лотарија Александар Климовски. Но, ниту Државна лотарија како спонзор на вкупно 300 милиони денари за настапите, не смеела да ги има поединечните договори за секој изведувач поединечно, меѓу кои и Дејвид Гета, Хосе Карерас итн. Климовски рече дека Државна лотарија ги нема поединечните договори и тие не биле дел од финансискиот извештај што фирмата „Стардаст“, која го организираше одбележувањето, го доставила до Лотарија.

Back to top button
Close