Барале 10.000 евра од делчевец со закани дека ќе објават компромитирачки материјали, тројца скопјани приведени

Три лица од Скопје се лишени од слобода во рамки на оперативната акција „Чистач“, под сомнение за уцена и загрозување на сигурноста на жител на Делчево. Според пријавеното, осомничените му се заканувале на жителот и барале од него да им исплати 10.000 евра, заканувајќи се дека, во спротивно, ќе објават компромитирачки материјали.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Секторот за општ, насилен криминал и семејно насилство, во соработка со СВР Штип – ОВР Делчево и СВР Скопје, извршиле претреси на две локации и ги лишиле од слобода З.Б. (61), М.Б. (35) и Б. (43), сите од Скопје. објави Скопје1.мк
Акцијата била спроведена по оформен предмет во Основното јавно обвинителство во Делчево за кривичните дела „уцена“ и „загрозување на сигурноста“, предвидени и казниви согласно со членовите 259 и 144 став 2 од Кривичниот законик.
Според пријавата, неколку лица од Скопје му упатувале закани по животот и телото на жителот на Делчево, барајќи од него да им исплати 10.000 евра. Притоа, му се заканувале дека ќе објават компромитирачки материјали доколку не ги исполни нивните барања.
При претресите бил пронајден и нелегален пиштол „М57“, со калибар од 7,62 милиметри. По извршените проверки било утврдено дека оружјето потекнува од кривичното дело „тешка кражба“, извршено на подрачјето на СВР Скопје.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, објави Скопје1.мк






