Фрлен солзавец во ноќен клуб во БиХ, 38 повредени во стампедо
Ноќна забава во Тешањ, Босна и Херцеговина, се претворила во хаос откако во преполн ноќен клуб била фрлена супстанца за која се сомнева дека е солзавец. Настанот предизвикал паника и стампедо, при што 38 лица побарале медицинска помош.

Според босанските медиуми, супстанцата била фрлена во ВИП-делот на клубот, по што гостите во паника се обиделе да го напуштат зачадениот простор. Посетителите се пожалиле на силна кашлица, задушување, отежнато дишење и печење во очите, носот и грлото. Некои почувствувале вртоглавица и дезориентација, а според неофицијални информации, неколку лица накратко ја изгубиле свеста.
Една од посетителките раскажала дека во клубот имало многу луѓе и дека ситуацијата брзо излегла од контрола. Во обид да избегаат, гостите се туркале и паѓале едни врз други, а врз некои паднале и високите маси.
Според нејзиното сведоштво, неколку лица се здобиле со скршеници на рацете и нозете, а дел од повредените биле пренесени во Зеница на понатамошно лекување.
Полицијата веднаш излегла на местото на настанот, каде што започнале евакуацијата и укажувањето помош. Портпаролката на Полициската управа при Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојскиот кантон, Лејла Екиновиќ, потврдила дека на 18 октомври во 00:10 часот, полициската станица во Тешањ добила пријава дека непознато лице фрлило супстанца за која се сомнева дека е солзавец во објектот во Росуље, додека внатре имало повеќе лица.
Медицинските прегледи покажале дека едно лице е тешко повредено, додека 37 лица се здобиле со полесни повреди. За случајот бил известен и надлежниот обвинител.
Во меѓувреме, се појавиле информации дека солзавецот бил фрлен низ прозорецот од тоалетот, наводно во близина на местото каде што се наоѓал сопственикот на клубот. Поради тоа се појавиле шпекулации дека нападот бил насочен кон него, но овие тврдења засега не се официјално потврдени.
Полицијата продолжува со истрагата за расветлување и документирање на кривичното дело „предизвикување општа опасност“. Засега не се познати идентитетот на лицето што ја фрлило супстанцата ниту мотивот за нападот.






