Во Србија студентите победуваат?!
На Вучиќ како абортус на природата ќе му требаат многу лопати за да ја закопа вистината, особено сега кога студентите го убедија народот дека луѓето што ги поддржуваат корумпираните не се жртви, туку соучесници. Пеколот отсекогаш бил награда за оние што го поддржувале ѓаволот!
Мерсел Биљали
Пет дена пред изборите во Србија, острата реторика и говорот на омраза се толку распространети што целиот медиумски систем сега е практично надвор од контрола. Провладините медиуми повеќе не обрнуваат внимание на сериозноста на она што се кажува и пишува. Додека досега ова беше резервирано за најагресивните, во последните недели бројни таблоиди се натпреваруваат во количината на дезинформации и навреди насочени првенствено кон Студентската листа.

„Според сите медиумски мониторинзи, можеме да кажеме дека ова е една од најдрастичните кампањи кога станува збор за кршење на изборните правила во медиумите“, оценува за ДВ Жељко Бодрожиќ, претседател на Независното здружение на новинари на Србија (NUNS). Изборната кампања, бележи обиди за дисциплинирање на две телевизиски станици, Н1 и Нова С, кои беа нападнати од нивните нови сопственици. Власта прави ваквите медиуми или да преживеат како ТВ Б92 или да исчезнат. Исто име, но сосема поинаква уредувачка политика.
Извршниот директор на Бирото за социјални истражувања (BIRODI), Зоран Гавриловиќ, за DW проценува дека во Србија моментално има помеѓу 11 и 16 проценти неопределени гласачи, што е околу 800.000 луѓе.
Целта на „Студентската листа“ (и нивната кампања од врата до врата) е што е можно поголема излезност, додека целта на власта, односно на СНС е што е можно помала излезност, бидејќи Вучиќ ги добива изборите со излезност што не надмина 58 проценти.
Ана Стојиљковиќ, консултант за изборни кампањи, која има докторат по политички комуникации и кампањи, го привлекува вниманието на фактот дека во последните неколку изборни циклуси имало многу малку неопределени гласачи во Србија. Кампањата на „Студентскката листа“ е доминирана од пораки на „надеж и оптимизам“, додека „Единствена Србија“ главно испраќаше пораки на „страв и стабилност“. Но, откако ќе ја направите нормалноста невозможна, брзо ја правите пропаста неизбежна.
Пораките од „Студентската листа“ имаат цел да обезбедат чувство на доверба и да го разбудат ентузијазмот кај граѓаните. Од друга страна, СНС води силна кампања за дискредитација на студентите, професорите, поединците од листата итн. Ама студентите знаат дека подобро да се живее една година како лав отколку сто години како магаре.
Добри познавачи велат дека студентите веќе победија. Тие победија затоа што веќе ја променија политичката сцена, културата и системот. Пред сè, тие ја вратија довербата на граѓаните во политичките процеси и јавните работи. Политиката повторно стана кул, толку многу што значките се ставаат на јакни и ранци. Тие ги принудија луѓето да преземат одговорност за своите животи. Студентите се во предност и поради начинот на кој беше креиран нивниот список. Не со одлука на партиското раководство или договор зад затворени врати, туку преку макотрпен демократски процес од една година пленуми, дебати, гласање во училниците и амфитеатрите. Студентите составија список на луѓе на кои им веруваат, наместо сами да ја преземат власта. За прв пат, граѓаните на Србија имаат пред себе опција која не произлезе од истиот, истрошен политички апарат, туку од список роден на улиците, во училниците на факултетите и на патиштата меѓу градовите и селата, а не во зачадени канцеларии. Претходната „опозиција“ очекуваше подобри времиња, но сепак ѝ недостигаше минатото. За потковицата да ви донесе среќа, треба да работите како коњ.
Студентите го изгаснаа огнениот цинизам дека „сите се исти“, и дека вистинските промени се невозможни. Бидејќи не се „истите“ универзитетски професори и платени тепачи, ректорот и директорот со купена диплома, Александар Баукал и Александар Шешељ! Студентите победија затоа што, за само година и пол, веќе го сменија премиерот, го распуштија Собранието и Владата и конечно го сменија претседателот на Србија. Не толку одамна, беше еден вид срам или страв да се каже дека ја поддржувате опозицијата. А сега е голем срам да се поддржува Вучиќ. Студентите психолошки победија затоа што создадоа силна „референдумска атмосфера“ во општеството. А темите околу Косово и Црна Гора, „отцепувањето“ на Војводина и Санџак – се тема само за болни умови. Вучиќ еднаш жестоко ги нападна студентите кои наводно се во коалиција со хрватските усташи кои се љубоморни на развојот на Србија
Какви предизборни дебати, дијалози, конфронтации и други тепачки кога се затвораат медиуми, се отпуштаат професори, се кршат вилици и ребра на улица? Патем, оние кои навистина „немаат програма“ се на листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“. Наместо дискусии како „програмски дијалог“, студентите се принудени мудро да го кажат најважното – дали треба да биде исто по изборите, или сосема различно? И тоа е сè. Дури и со насилна победа на власта, „Студентската листа победува“, бидејќи тоа нема да го смири српското општество. Од сите страни, гласачите на СНС се исвиркуваат, проколнуваат и навредуваат. Реално, нема спонтано собирање на поддржувачи на СНС, туку уцени, закани, од врата до врата. Од нив и на Бога, и на ѓаволот, и на народот им е преку глава. Се чини дека никој не е толку празен како оној што е полн со себе.
НАДЕЖ?!
„Вучиќ се коцка“ со претпоставката дека студентите ќе имаат тешкотии да ја претворат поддршката во изборен резултат, вели Екатерина Курбангалеева, надворешен соработник на Институтот за европски, руски и евроазиски студии на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“. Таа е анализа за CEPA (Center for European Policy Analysis). Дури и експерти блиски до власта ги опишуваат овие избори со висок степен на неизвесност. Штом не знаете кон кое пристаниште пловите, ниеден ветер не ви е поволен – вели филозофот Сенека. На 25 октомври, српските граѓани ќе покажат дали се подготвени да свртат нова страница и да ја пречекаат новата генерација политички лидери или ерата на Вучиќ сè уште не е завршена. Но, сеуште е рано за голем оптимизам, оти Србија долго била во едноумие и лесно може да заврши во безумие.
Вучиќовата фјока е полна со помилувања, аболиции, црни бизниси, простување на долгови, распределба на локации, социјални станови и многу повеќе, но тоа нема да помогне. Ваквите ресурси ќе имаат спротивен ефект. Постојат и бројни други злоупотреби во оптек, бугарски возови, фиктивни лични карти, социјални станови, фиктивно пријавени жители дури до 50 луѓе во иста адреса (најмногу од БиХ). Автобуси за гласачи од поранешните југословенски републики (дури и од Македонија). Млади во Србија има се помалку, оти одамно сватија дека надоброто што можеле да прават со својата домовина е да се одрекнат. Сите овие работи се покриени со црни пари. Српските топлани имаат годишен обрт од над 300 милиони евра, но тие постојано покажуваат загуби од над 15 милиони евра, а познато е дека јавните набавки таму тешко се контролираат. Голем црн бизнис се прави и со бројни агенции за обезбедување.
Професорот Чедомир Чупиќ од Факултетот за политички науки смета дека Србија е партиска земја каде што граѓаните се отуѓени. Тука стравот ја исклучува извесноста и секоја прогноза е тешка. Бошко Јакшиќ, политички аналитичар, верува дека Вучиќ создал ужасно авторитарно и напнато општество, но студентите успешно го истераа стравот. А ќе го истерат и ѓаволот. Гласови од другата страна на Дрина сè уште се куршуми за убивање на нормалноста. Гласачите од РС не се одлучувачки фактор на изборите во Србија, но имаат значаен политички симболизам. За возврат, студентски караван од Србија пред некое време тргна кон Бања Лука, но набрзо беше прекинат поради низа инциденти. На крајот, Бања Лука дури и го забрани собирот. Студентите ја барале среќата таму каде што сите ја загубиле!






