Нетанјаху планирал нов удар врз Иран, Трамп не сакал војна пред изборите

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху планирал да нареди нови напади врз Иран на почетокот на октомври, но американскиот претседател Доналд Трамп се спротивставил на обновување на конфликтот пред американските меѓуизбори на 3 ноември, објави „Фајненшл тајмс“.

Според три извори, израелската војска била подготвена за напади на 10 октомври врз ирански нуклеарни постројки, објекти поврзани со властите и цивилна инфраструктура, вклучително и енергетски капацитети. Нападите требало да бидат поинтензивни од ударите што САД и Израел ги извеле во февруари.

Израел, според извештајот, подготвил и нов список на цели, во кој биле вклучени цивилни објекти што претходно не биле нападнати. Еден од изворите оценил дека подготовките можеби биле и дел од преговарачка тактика, но дека одлуката за евентуално обновување на конфликтот зависела од Трамп. Не е исклучена можноста судирите да продолжат во наредните недели.

Пентагон не ги коментирал овие наводи. Извештајот бил објавен два дена по тајната посета на Израел на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој се сретнал со Нетанјаху за да разговараат за „заканите во регионот“.

Трамп на 9 октомври изјавил дека Вашингтон нема да го нападне Иран пред американските меѓуизбори, закажани за 3 ноември.

Во меѓувреме, се појавија информации дека началникот на Генералштабот на израелската војска, генерал-потполковник Ејал Замир, ги предупредил американските претставници дека напад врз Иран може да доведе до одложување на израелските избори, закажани за 27 октомври.

Израелскиот Канал 12 минатата недела објави дека Нетанјаху побарал од Трамп судирите со Иран да продолжат пред израелските избори и американските меѓуизбори. Израелските власти проценуваат дека Иран би можел да одговори на американски напад со масовни ракетни удари врз Израел.

Back to top button
Close