Клековски апелира на внимателност по измамата со наводни кубански вакцини за пациенти болни од рак

По случајот со велешанецот што измамувал граѓани болни од рак, продавајќи им наводни кубански вакцини, министерот за здравство Сашо Клековски апелира на внимателност. Свесен е дека постои црн пазар на лекови и вакцини и поради тоа ги повика граѓаните да користат медицински услуги само во здравствени установи.
„Треба да повториме дека надвор од регистрирани здравствени установи, надвор од лиценцирани производи, надвор од легален начин на продажба, да не се прифаќаат ниту лекови, ниту вакцини, ниту други медицински материјали. Знам дека кога граѓаните се соочени со тешка болест ги бараат сите можни начини да стигнат до оздравување. Меѓутоа, тоа отвора простор за многу хохштаплери и криминалци“,
изјави денеска министерот за здравство.
Случајот со велешанецот што им продавал наводни кубански вакцини на десетици пациенти болни од рак во земјава го објави „Слободен печат“. Според сведочењата на семејствата на пациентите, за една доза од таканаречената кубанска вакцина на велешанецот му плаќале 3 200 евра. Сведочат дека кога ќе влезел дома кај пациентот ги сокривал иглите и амбалажата од присутните и одбивал да им го даде пакувањето од вакцината. Поради тоа, семејствата се сомневаат дека на нивните блиски всушност им бил аплициран физиолошки раствор.
Тој тврдел дека вакцината ја купува од Србија, каде што има лиценцирани претставници. Претставникот на Кубанскиот институт за Србија, Зоран Вујовиќ, во изјава за Телма вели дека никој не би смеел да ја продава вакцината ако нема дозвола за тоа. Вели дека никогаш не соработувал со велешанецот и се сомнева на измама.
„Терапијата е скапа, на секои 15 дена се дава по една инјекција, на лево и десно рамо, и на лев и десен колк. Се даваат пет тури, и може да чини околу седум илјади долари. Но, ова кај вас мора да е измама. Транспортот мора да е во ладен синџир и температурата да биде од 2 до 8 степени. Значи, тие можеби нешто шверцуваат и убиваат луѓе“,
вели Зоран Вујовиќ – претставник на Кубански институт за Србија.
Основното јавно обвинителство Велес во моментов презема дејствија за обезбедување докази за случајот.
Инаку, МВР и обвинителството потврдија дека велешанецот што е осомничен за продажба и аплицирање наводни кубански вакцини кај болни од рак, бил пријавен и за измама на сопственик на фирма од Охрид. Предметот е во фаза на судење, а на првото рочиште закажано на 7 октомври годинава, обвинетиот не се појавил, а неговиот адвокат доставил медицинска документација дека тој е спречен да присуствува.






