Тренчевска: Следува нов ценовен удар, Владата одбива повисоки плати додека граѓаните тонат во сиромаштија

Се најавува нов бран поскапувања и нов удар врз семејните буџети со повисоки сметки за струја и парно од Нова година, рече денеска потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Јована Тренчевска.

Според Тренчевска, МЕПСО веќе бара зголемување на тарифата за пренос на струја од јануари, додека кај парното се најавува трето поскапување за една година.

Од СДСМ истакнуваат дека трошоците за живот од почетокот на годинава досега се зголемени за 4 000 денари, а потрошувачката кошничка во октомври надминала 70 000 денари односно над 90 000 денари со вклучена кирија.

„Ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци. Работниците во Македонија едвај врзуваат крај со крај, со најниски плати во Европа“рече Тренчевска на прес-конференцијата.

Таа додаде дека од вкупно 540 000 вработени во земјава, околу 180 000 земаат плата помала од 31 200 денари, додека минималната плата останува на 26 000 денари.

„33 отсто од работниците во Македонија земаат примања под прагот на сиромаштијата“кажа таа.

Тренчевска го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека го одбил нивниот предлог за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и сите мерки за ублажување на ценовните шокови.

Потпретседателката изрази незадоволство и од најавите на Владата за ангажирање странски работници, наместо подобрување на стандардот на домашната работна сила.

„Наместо да ги зголеми платите, Мицкоски размислува за увоз на економски работници како евтина работна сила. Николовски вели 50 000 економски работници, а Мицкоски зголемува на над 100 000. Ова е смислена политика. И во новиот ребаланс нема повисока минимална плата, нема 600 евра за работниците, нема мерки, нема помош за земјоделците“,изјави Тренчевска.

Од СДСМ и вчера излегоа со соопштение во кое обвинуваат дека работниците во Македонија едвај ги покриваат основните животни трошоци, а минималната плата не е доволна ниту за храна и пијалаци за едно четиричлено семејство.

Back to top button
Close