Скандал со дипломи и наводни закани кон сведок: Туфегџиќ бара одговори од МОН

Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ упати остри критики кон Министерството за образование и наука, оценувајќи дека е најслабата карика во актуелната Влада, а неговата транспарентност и отвореност ги оцени со „голема нула“. Причина за реакцијата е одбивањето на неговото барање за увид во предмет поврзан со случај на наводно фалсификувани и поништени дипломи.

Туфегџиќ тврди дека по речиси 34 години адвокатска и судиска кариера, првпат се соочил со институција која му го попречила правото на увид во предмет, и тоа со образложение дека доставеното полномошно не било доволно прецизно.

„После скоро 34 години адвокатско-судиска кариера, одбиено ми е барање за увид во предмет поднесено на 14.05.2026 година, значи после скоро пет месеци, со образложение дека полномошното не било прецизно. Мене ми е совршено јасно зошто не се дозволува увид во списите од предметот, но можевте да смислите посоодветно образложение“, наведува Туфегџиќ.

Тој посочува дека истите полномошна ги користи во текот на целата професионална кариера и дека досега ниту една институција не му го оспорила правото да постапува во предмет.

Според неговото објаснување, станува збор за еден од актуелните случаи со дипломи за кои јавноста претходно била информирана дека се наводно фалсификувани и поништени. За конкретниот случај, како што наведува, во Основното јавно обвинителство Битола е оформена кривична постапка, додека одлуките на Министерството биле поништени во соодветни законски постапки.

Туфегџиќ објаснува дека увидот во списите на Министерството бил побаран за потребите на одбраната во постапката.

Дополнително, тој изнесува сериозни обвинувања дека лице кое се претставувало како просветен инспектор, директно поврзано со случајот, телефонски му се заканувало на сведок и барало од него да ја промени својата изјава.

„Лице кое се претставува како просветен инспектор директно инволвиран во овој случај, се заканува на сведок по телефон и бара да ја смени изјавата“, тврди адвокатот, додавајќи дека случајот бил пријавен и евидентиран.

Според Туфегџиќ, образовната установа опфатена со предметот побарала од ОЈО Битола итно и приоритетно постапување поради штетните последици што ги трпи.

Back to top button
Close