Зајкова: ЛДП нема да отстапи од барањето за воведување една изборна единица и отворени листи

ЛДП е целосно независна, идеолошки автентична и стабилна партија која не слугува на ничии партиски централи, туку разговара со сите – бизнис-секторот, невладините организации и граѓаните – за креирање решенија кои директно го подобруваат животниот стандард, како што е укинувањето на банкарските провизии, потсети претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, во гостувањето на ТВ Алфа – стои во соопштението на ЛДП коешто МИА го пренесува интегрално.

Истовремено, ЛДП јасно порачува дека нема да отстапи од нејзиното темелно барање за воведување една изборна единица и отворени листи. Време е да им се одземе монополот на партиските лидери сами да си ги поставуваат своите послушници на пратеничките листи и конечно да им се даде правото на граѓаните директно да ги бираат своите претставници.

„ЛДП ниту сака, ниту има некакви задни намери да прави било што во други партии, ниту пак може! Што се случува во другите политички дворови е нивно прашање. А дека ќе разговараме со сите – и со партии, и со невладин сектор, и со бизнисот – тоа е нормално, бидејќи градиме политики за граѓаните. Ако разговорот за отворени листи или лобирањето за сојузништво за да дојдеме до овие решенија за некого е најголем грев и предавство, нема проблем – нека бидеме ‘предавници’! Исто така, гледаме како во Европа и регионот ескалираат масовни протести токму поради долгогодишното игнорирање на реалните проблеми од влади кои носеле ‘розови наочари’. Гневот се акумулира кога нема правда, и затоа ние бараме отвореност, реформи и чист систем наместо да ги криеме проблемите под тепих“, посочува претседателката на ЛДП.

ЛДП останува цврсто на браникот на демократијата, отворените листи и вистинското владеење на правото. Од тоа не отстапуваме. На Македонија не ѝ требаат партиски монополи и затворени касти, туку слободни граѓани кои сами си ја кројат иднината!

Либерално-демократска партија

 

Back to top button
Close