СДСМ: Додека Мицкоски говори за заштита на идентитетот и државните интереси, во Брисел никој не ја споменува Македонија

Државните интереси не се штитат со изолација, туку со место во Европската Унија каде се носат праведни одлуки и се живее подобро, велат од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), коментирајќи ги пораките за евроинтегративниот пат на земјата што премиерот Христијан Мицкоски ги упати денеска, во своето обраќање на Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Седиштетот на СДСМ / Фото: Архива

Според социјалдемократите, додека премиерот говори дека Македонија мора да ја штити својата иднина, идентитетот и државните интереси и дека верува во европската иднина на Македонија, која се гради со реформи и силни институциите и дека граѓаните се изморени од долгогодишно чекање, високи функционери на ЕУ никаде не ја споменуваат земјава во своите изјави за напредокот и чекорите што треба да ги преземат останатите земји од регионот на Западен Балкан.

„Оваа иста недела еврокомесарката за проширување Марта Кос зборуваше за европската иднина на Балканот.  Црна Гора ја позиционира пред завршната фаза. Албанија ја повика да го задржи темпото на реформите. За Србија ги посочи изборите како клучни. Од Косово побара почитување на меѓународното право. Македонија не беше спомената“,се вели во соопштението од СДСМ.

Оттаму наведуваат дека заштитата на идентитетот не се мери со говор, туку со тоа дали земјата напредува или стои во место, и додаваат дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен јасно кажала дека Европа ја чека Македонија со нејзиниот јазик и идентитет.

Условот за земјава велат од СДСМ останува ист – реформи и соработка со Канцеларијата на европскиот јавен обвинител пред членство, што според опозициската партија не е билатерално прашање, туку европски услов.

Од опозициската партија го коментираат и делот од говорот на Мицкоски во кој вели дека не се занимава со „коски од минатото“, туку со иднината на децата.

„Иднината се гради со независни институции, не со судство по телефон. Се гради со реформи што ги ветуваше до 1 јуни, а не ги заврши. Се гради со буџет што не се полни со нови кредити за да се плаќаат старите, и со граница што не пропушта товар без никаква одговорност. Државните интереси не се штитат со изолација. Се штитат со место во Европа каде се одлучува и каде се живее подобро. Кога земјата не се споменува во пораките за проширување, тоа не е заштита. Тоа е резултат. Граѓаните се изморени од чекање. Изморени се и од вадење коски од минатото. Нема повеќе причина за сеење меѓунационална омраза. Знаеме дека тоа служи за одржување на веќе целосно потонатиот рејтинг на Мицкоски и на слободниот пад на криминалната власт“,

велат од Бихаќка.

Оттаму порачуваат дека ако власта не ги исполни обврски за напредок во евроинегративниот процес, единствените коски што ќе останат ќе бидат оние на трпезата.

„Време за чекање нема. Ако се чека и се вадат коски, во Македонија повеќе нема да има кој да го слуша Мицкоски за коски. Мигрантите, економските работници, тие 100.000 што планира да ги увезе и да ги замени младите со нив, за коски од минатото нема да знаат ништо. Единствените коски што ќе останат се коските на трпезата“,

велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Момент од денешното обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба / Фото: Влада на Република Северна Македонија, Сектор за односи со јавност

Премиерот Христијан Мицкоски во својот говор на Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба рече дека Македонија треба мудро и трпеливо да продолжи по патот кон Европската Унија, и покрај долгото чекање, билатералните спорови и, како што кажа, пречките од источниот сосед.

Back to top button
Close