Израел денес избира нова влада – Нетанјаху и Ајзенкот се соочуваат со неизвесен исход

Израелските граѓани денес излегуваат на гласање, на избори што многумина ги сметаат за едни од најважните во историјата на земјата.

Според медиумите, дури 70.000 Израелци допатувале од странство за да гласаат, додека околу половина милион граѓани за првпат ќе го остварат своето право на глас.

Анкетите за јавното мислење, објавени во петокот, покажуваат речиси изедначена трка помеѓу актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот началник на Генералштабот, Гади Ајзенкот.

Сепак, според проекциите, ниту еден од нивните политички блокови нема да освои 61 пратеничко место, бројка неопходна за формирање парламентарно мнозинство. Тоа значи дека по изборите би можеле да следат неколку недели, па дури и месеци преговори за формирање нова влада, пишува Би-Би-Си (BBC).

Израелскиот пропорционален изборен систем подразбира формирање коалициски влади, а политичките сојузи честопати можат да доведат до неочекувани исходи. Овогодинешните избори се особено неизвесни, при што одредени партии веќе поставија јасни услови за можна соработка.

Ајзенкот, кој ја предводи новоформираната партија „Јашар“, е главната фигура во таканаречениот „блок за промени“, кој обединува политички партии со различни идеолошки определби, но со заедничка цел – смена на Нетанјаху.

Меѓу лидерите на овој блок се поранешниот премиер Нафтали Бенет и Авигдор Либерман – двајцата политичари од десницата со цврсти ставови за безбедноста – како и Јаир Голан, поранешен генерал кој припаѓа на левиот политички спектар.

За Нетанјаху, кој првпат стана премиер во 1996 година, останувањето на власт ќе зависи од продолжувањето на соработката со крајно десничарските и ултраортодоксните партии што ја сочинуваат неговата актуелна владејачка коалиција – најдесничарската во историјата на Израел.

На изборите учествуваат и два блока на арапски партии. Околу една петтина од населението на Израел се Арапи, од кои многумина се идентификуваат како палестински граѓани на Израел.

Нивните партии теоретски би можеле да одиграат одлучувачка улога во формирањето на новата влада, но речиси сите водечки еврејски партии ја отфрлија можноста за соработка со нив.

Back to top button
Close