Дојавувале кога доаѓаат УЈП и МВР во „Пулс“, а добивале очилa и рачен часовник за услугата – девет лица обвинети за поткуп, злоупотреби и фалсификати
Даночни контролори од Управата за јавни приходи (УЈП) се обвинети дека примале подароци, меѓу кои очила и рачен часовник, за однапред да откриваат кога ќе се вршат ненајавени контроли во дискотеката „Пулс“ во Кочани и во други поврзани фирми. Според Обвинителството, дел од службениците прикривале даночни неправилности, не евидентирале незаконски промет и фалсификувале службени извештаи, со што овозможувале фирмите да избегнат плаќање глоби.

Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против уште шест лица за кривични дела поврзани со поткуп, злоупотреба на службената положба, оддавање службена тајна и фалсификување.
Обвинителен акт за примање поткуп е поднесен против двајца даночни контролори, од кои еден се товари за две вакви дејствија. Според обвинението, тие од трето лице, кое е обвинето за давање поткуп, побарале и примиле очила и рачен часовник за да го известуваат за ненајавените вонредни контроли во фирмите во кои бил одговорно лице.
Еден од контролорите, иако знаел дека не смее да открива информации добиени во даночна постапка, преку пораки на Вибер го информирал обвинетиот за активностите на УЈП и Министерството за внатрешни работи. Поради тоа се товари и за продолжено кривично дело оддавање службена тајна.
Двајцата контролори се обвинети и за злоупотреба на службената положба поради контрола извршена на 6 март 2024 година. Тогаш, според Обвинителството, откриле даночни неправилности и нерегистриран промет во една од фирмите, но не ги внеле во записникот.
На тој начин, како што се наведува во обвинението, државниот буџет бил оштетен за 98.400 денари, колку што изнесувала ненаплатената глоба.
За да ги прикрие утврдените незаконитости, вториот обвинет, според Обвинителството, го фалсификувал и службениот извештај од контролата, поради што се товари за фалсификување службена исправа.
Со обвинителниот предлог се опфатени уште четворица даночни контролори и инспектори, кои се товарат за злоупотреба на службената положба, а еден од нив и за фалсификување исправа.
Меѓу обвинетите е и вработена во Државниот пазарен инспекторат, која, според Обвинителството, оддавала службена тајна откривајќи информации за времето кога требало да се спроведат акциските контроли.
Обвинителството наведува дека контролорите и инспекторите вршеле надзори во фирми чиј реален сопственик бил таткото на лицето обвинето за давање поткуп. Наместо да ги евидентираат откриените неправилности, тие, според обвинението, ги прикривале и фалсификувале извештаи, овозможувајќи фирмите да не ги платат законски предвидените глоби.
За помагање во злоупотребата на службената положба е обвинет и реалниот сопственик на фирмите.
Обвинителството соопшти и дека првичната кривична пријава за злоупотреба на службената положба опфаќала уште четири лица. За две од нив постапката е запрена поради застареност, додека за преостанатите две е утврдено дека нема основ за кривично гонење за пријавеното или друго дело што се гони по службена должност.
Предметот се однесува на постапувањето на даночните контролори и инспекторите при надзорите во „Пулс“ и поврзаните фирми. Обвиненијата допрва треба да бидат разгледани во судска постапка.






