„Рудник во Иловица нема да има, народот ќе ви каже ‘не’“ – Тренчевска со предупредување до власта
Потпретседателката на СДСМ и пратеничка Јована Тренчевска порача дека рудник во Иловица – Штука нема да има и предупреди дека власта ќе се соочи со отпор од граѓаните доколку продолжи со плановите за отворање рудници во струмичкиот регион.

Во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5, Тренчевска ја обвини власта дека повторно ги отвора прашањата за рударските проекти Иловица – Штука и Казандол, и покрај долгогодишното противење на локалното население и еколошките здруженија.
„Рудник во Иловица – Штука нема да има! И тоа граѓаните наназад со години го зборуваат. Разберете вие од власта, не може да ми кажете дека треба да има рудници, ќе се соочите со народот којшто ќе ви каже Не. И сега народот вели не, и тогаш ќе ви каже, не за рудниците во Иловица“, изјави Тренчевска.
Според неа, повторното отворање на дебатата предизвикува незадоволство кај жителите, кои стравуваат од можните последици врз животната средина, земјоделството и економската иднина на регионот.
„Доаѓам од Струмица, од регион каде што се планира отворање на еден рудник за којшто дебатата беше завршена и сега повторно се отвора дебата – Иловица – Штука. Здруженијата за заштита на животната средина разговараат со граѓаните, кај коишто расте револтот заради повторното ставање на маса и на Казандол и на Иловица – Штука“, посочи таа.
Тренчевска ги оспори и економските аргументи за отворање рудници, тврдејќи дека земјоделското производство во струмичкиот регион има многу поголемо економско значење од очекуваните приходи од рударството.
„Знаете ли колку е профитот од раноградинарските производи во струмичкиот регион врз буџетот? 270 милиони евра плус во буџетот, и власта ми споредува 100 и нешто милиони од рудниците, а ќе го уништите земјоделието. Најплодната почва е струмичкиот регион. Моето потекло е на 500 метри од Иловица, онаму каде што се гради, а каде што треба да биде рудникот Иловица – Штука“, рече Тренчевска.
Таа нагласи дека лично потекнува од подрачјето во непосредна близина на планираниот рудник и дека е запознаена со загриженоста на локалните жители.
Според Тренчевска, власта не смее да ги става потенцијалните приходи од рударството пред заштитата на плодното земјиште и интересите на граѓаните. Таа порача дека волјата на населението мора да биде почитувана, а одлуките за вакви проекти да ги земат предвид можните долгорочни последици врз регионот.






