Апасиев: Во Србија загинаа 16 луѓе поради корупција – во Македонија 63 и власта повторно победи

По трагедијата во Нови Сад, во која загинаа 16 луѓе, граѓанскиот отпор во Србија резултираше со сериозни политички последици за владејачката СНС на Александар Вучиќ. Наспроти тоа, по трагедијата во Македонија во која животот го загубија 63 луѓе, на следните избори повторно победи владејачката ДПМНЕ. Токму овој контраст го посочува претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, во својата најнова објава, се наведува во партиското соопштение.

„Исто е, ама не е исто!?“, пишува Апасиев, посочувајќи дека политичката одговорност не завршува со незадоволството од власта, туку се манифестира и преку изборното однесување на граѓаните.

Според него, голем проблем претставува апстиненцијата на граѓаните кои се дистанцираат од политиката со ставовите „не се замарам со политика“, „ние не сме партија“ или „сите се исти“.

„Апстиненцијата е избор, и тоа погрешен. Воздржаноста е ‘глас’, ама за лошите“, предупредува Апасиев.

Тој посочува дека ваквата политичка апатија фактички му овозможува на дисциплинираното партиско гласачко тело да ја определува политичката реалност за целото население.

„Вие кои сте ‘бијонд’ политиката, сте контрибутори на статус-квото“, вели Апасиев, додавајќи дека токму поради ставот „не се замарам со политика“ „дозволувате армија од 300.000 клиентелистички, но дисциплинирани вмроиди да ни го кројат животот на 2.000.000 луѓе“.

Апасиев дополнително укажува дека, со оглед на тоа што парламентарните избори се без изборен цензус, неучеството не значи неутралност, туку оставање на политичката одлука на оние кои ќе излезат да гласаат.

„1/7 од населението владее со останатите 6/7, ама пола милион си седат дома на денот на изборите (кои се без цензус), оти нели ‘сите се исти, брат’“, заклучува претседателот на Левица.

Back to top button
Close