Француската влада најави реформи во образованието по пет недели протести

Француската влада најави пакет мерки за подобрување на образованието по пет недели протести и блокади на средни училишта и универзитети. Учениците и студентите бараат вложувања од 10 милијарди евра, а властите најавија промени во уписот на факултетите, намалување на бројот на ученици во одделенијата и обновување на образовните објекти.

Screenshot

Меѓу главните мерки е реформата на платформата „Паркурсо“ за упис на универзитетите, која треба да биде заменета со поедноставен систем во 2028 година. Владата планира и поволен кредит од пет милијарди евра за обновување на училишната инфраструктура, како и отворање 15.000 нови места во високото образование.

Во следните две години, бројот на ученици во прва година од средното образование треба да биде ограничен на најмногу 28 во одделение. Владата се откажува и од планираното укинување на работни места во средното образование, најавува вработување на 500 наставници и уште 500 психолози, медицински сестри и социјални работници. Предвидено е и усогласување на студентските стипендии со инфлацијата, како и изградба на 45.000 студентски сместувачки единици во периодот од 2025 до 2027 година.

Министерот за образование Едуар Гефреј порача дека најавените мерки не се празни ветувања и дека ќе бидат спроведени во утврдени рокови. Премиерот Себастијан Лекорни, пак, истакна дека успехот на младите не треба да зависи од нивното социјално потекло или од училиштето што го посетуваат.

Претставниците на ученичките и студентските организации ги поздравија најавите, но најавија продолжување на протестите сè додека не добијат конкретни резултати. Демонстрациите во Франција започнаа на 15 септември, поттикнати од растот на цените на горивата и трошоците за живот, а незадоволството прерасна во пошироки протести проследени со насилство и вандализам.

Кризата создава дополнителен притисок врз претседателот Емануел Макрон, чија влада се соочува со критики поради справувањето со немирите. Дел од неговите поранешни сојузници дури повикаа на предвремена оставка, но Макрон ја отфрли таа можност.

Back to top button
Close