Царината заплени 135 килограми тутун и 30 литри алкохол на пазарот во Чаир, избегната акциза од 337.558 денари

Царинските службеници заплениле 135 килограми режан тутун и 30 литри алкохол при контрола на тезги на зелениот пазар во Чаир, при што било утврдено избегнување на плаќање акциза во вкупен износ од 337.558 денари, соопшти Царинската управа.

Акцијата ја спровеле службеници од Царинарница Скопје и мобилни тимови од Одделението за оперативни работи. При контролата биле затекнати три лица кои продавале акцизни производи без акцизни маркички и без претходно платена акциза.

Против две лица се поднесени прекршочни пријави, додека против третото лице ќе биде поднесена кривична пријава согласно Кривичниот законик. Станува збор за лице кое продавало акцизни производи за кои е избегнато плаќање акциза во износ од 257.000 денари.

Од Царинската управа посочуваат дека контролите на внатрешниот пазар се дел од засилените активности за сузбивање на нелегалната трговија со тутун и тутунски производи.

По сузбивањето на меѓународна група за организирана нелегална трговија со цигари, Царината најавува продолжување на засилените контроли, со цел спречување на незаконската продажба на акцизни производи

Back to top button
Close