Јанчев: Граѓанка го ослободила од каишите и му дала вода, институциите го одзеле – спасен коњот во Кавадарци

Коњот кој во тешка состојба се струполи на улица во Кавадарци, а за кој активистите за заштита на животните алармираа дека бил изложен на малтретирање, е одземен од сопствениците и заштитен од натамошно насилство. Информацијата ја соопшти градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, откако случајот предизвика бурни реакции во јавноста.

Screenshot

„Спасен коњот во Кавадарци – хуманоста се покажува со дела“, објави Јанчев, потврдувајќи дека по интервенцијата на надлежните институции животното повеќе не е кај лицата кои претходно го поседувале.

Според градоначалникот, коњот бил пронајден паднат на улица, врзан со каиши и железни конструкции. Прва му помогнала сограѓанка која го ослободила од ремените и му обезбедила храна и вода.

По пријавувањето на случајот интервенирале полициски службеници од Полициската станица Кавадарци, а во постапувањето била вклучена и Агенцијата за храна и ветеринарство

„Благодарение на преземените активности и соработката на надлежните институции, коњот е одземен од сопствениците и е заштитен од натамошно малтретирање. Тоа е најважниот исход од овој случај“, соопшти Јанчев.

Претходно, здружението за заштита на животните „Лина“ алармираше дека коњот бил крајно истоштен, гладен и жеден, а според нивните сведоштва, бил изложен и на насилство додека лежел беспомошно на улицата.

Активистите тогаш изразија загриженост дека животното, и покрај првичната интервенција, повторно било земено од лицата кои го користеле и не се наоѓало на локацијата каде што требало да биде згрижено.

„Коњот, за жал, и покрај наредбата од полицијата и помошта од хуманите луѓе кои буквално му го спасија животот, не е на локацијата каде што требаше да биде. Повторно е земен од оние кои го користат за свои потреби“, соопштија претходно од „Лина“.

По овие предупредувања, градоначалникот сега информира дека животното е одземено, со што, според неговото соопштение, е спречено натамошно малтретирање.

Општина Кавадарци упати благодарност до полицијата, Агенцијата за храна и ветеринарство, активистите и граѓаните кои помогнале во спасувањето на коњот.

Јанчев апелираше граѓаните да не премолчуваат кога ќе забележат насилство врз животни, туку веднаш да ги известат надлежните институции.

Back to top button
Close