Плеврис: На 16 ноември ќе биде соопштен севкупниот план за отворање центар за враќање нелегални мигранти во земја во Африка
На 16 ноември во Австрија, надлежните министри од Грција, Германија, Данска, Австрија и Холандија, ќе го соопштат севкупниот план за нивната инцијатива за отворање центар за враќање мигранти во земја во Африка, откри министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис говорејќи за порталот на грчкиот весник „Та неа“ јави дописничката на МИА од Атина.

Плеврис нагласи дека не може јавно да соопшти која ќе биде африканската земја во која ќе се префрлаат мигрантите кои нелегално стигнале во ЕУ, бидејќи тоа ќе биде објавено на средбата во Австрија, но објасни дека до јануари ќе биде потпишан соодветниот договор за на пролет 2027 година програмата пилотски да започне да функционира
– Кога некој ќе пристигне овде, ќе биде разгледано барањето за азил и ако биде одбиено, има можности или да се врати во неговата земја на потекло, а доколку не соработува во враќањето, ќе биде префрлен во африканската земја за која се имаме договорено и таму ќе добие легален статус. Таму ќе биде сместен во мигрантски центар, како овие што ги имаме и тука, објасни Плеврис во однос на тоа како ќе функционира центарот за враќање.
За ситуацијата во Грција со мигрантските бранови, посочи дека постои значително намалување од турското крајбрежје, односно 7.500 нелегални пристигнувања за десет месеци наспроти 22.000 во истиот период во 2025 година, намалување, што според Плеврис, се должи на соработката меѓу Грција и Турција и засилениот надзор.
Слична е ситуацијата и на копнената грчко-турска граница, каде што „бројките остануваат стабилни и ниски, меѓу 6.000 и 8.000 годишно, благодарение на граничната ограда“.
Од друга страна, посочи дека најголемиот проблем е со мигрантските бранови од Либија и пристигнувањата на Крит, каде што во првите десет месеци од 2026 година, бројот на оваа рута достигнал 21.000 мигранти.
– Либија е загрижувачкиот сегмент, а нè плашат две работи: големиот број луѓе што се наоѓаат во Либија, бидејќи во источниот и западниот дел се собрани над половина милион луѓе, а второ е дека зависиме од намерите на една влада, истакна министерот за миграција и азил на Грција.
За справување со зголемениот миграциски притисок на островот Крит, најави отворање два центра во градовите Ханија и Ираклио, со вкупен капацитет од околу 2.000 лица, што ќе служат за идентификација и почетна обработка на барањата на азил.






