По поразот на Вучиќ: Се распаѓа ли медиумската машинерија?

Немања Рујевиќ

Провладините медиуми 15 години доминираа во српската јавност. По изборната победа на Студентската листа расте надежта за поголема медиумска слобода и за расчистување со пропагандата.

 

Помалку 24 часа по изборната победа на Студентската листа во Србија над досега семоќната Српска напредна партија (СНС), водител на јавен радиодифузен сервис ја започна инфомартивната емисија со признание:

„Се премолчуваше, се затвораа очи пред проблемите, се информираше еднострано, се известуваше некритички. Не беа поставувани вистинските прашања или воопшто не беа поставувани прашања. И за тоа им должиме извинување на гледачите“, изјави Горан Ерор, водител на емисија што ја продуцира јавниот радиодифузен сервис на северносрпската покраина Војводина (РТВ), а се емитува и на националниот сервис РТС.

Ерор и други негови колеги со години се бореле во рамките на досегашниот систем, но со мал успех. Сега главниот уредник на РТВ поднесе оставка под притисок на синдикатот. Слични барања вработените сега упатуваат и до РТС. Поголемиот јавен сервис, кој со години ја игнорираше критиката кон владата, по победата на Студентската листа во недела (25.10.2026) само делумно го промени својот тон.

 

Насилство врз гласилото на досегашната власт

Неколку часа подоцна, во понеделник вечерта, група разгневени граѓани упадна во белградската телевизија „Информер“. Таа важи за гласило на досегашната власт. Според информации, граѓаните, кои упаднале во телевизијата, оштетиле опрема и привремено го прекинале програмскиот сигнал. „Сакаа да ме убијат“, се пожали главниот уредник Драган Ј. Вучиќевиќ.

„Информер“ со години предводи цела мрежа таблоидни медиуми кои владините критичари ги етикетираат како „предавници“, „терористи“ и „усташи“. Терминот „усташи“ се однесува на хрватските фашисти кои за време на нацизмот извршија геноцид врз Срби, Евреи и Роми.

 

Претседател кој постојано беше на телевизија

Ова се само дел од последиците на политичкиот земјотрес од неделата, кога Александар Вучиќ, кој речиси 15 години како претседател и премиер беше сеприсутен и владееше со цврста рака, ја загуби политичката моќ во Србија. Студентската листа, на која се најдоа професори, активисти и уметници, освои 141 од вкупно 250 пратенички места. СНС на Вучиќ доби 103 мандати.

Долгогодишниот властодржец беше убедливо поразен од изборната листа, која ја составија студентите по двегодишни протести. Тие започнаа по уривањето на настрешницата на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад кон крајот на 2024 година. Загинаа 16 лица. Постојат сомнежи за корупција и лошо изведени градежни работи.

Критичарите со години предупредуваат на непотизам и врски меѓу државата и организираниот криминал во Србија. Тие постојано укажуваа и на медиумската машинерија која го следеше Вучиќ на секој чекор и врз која се темелеше неговата доминација. Во изминатите години Вучиќ во просек повеќе од еднаш дневно им се обраќаше на граѓаните преку долги прес-конференции или телевизиски преноси во живо. Собирите на неговата партија понекогаш истовремено ги пренесуваа околу четириесет телевизиски станици.

 

Вучиќ позитивно претставен во 96 проценти од прилозите

Колку еднострано било известувањето покажуваат податоците на независната организација за социјални истражувања БИРОДИ. Во последните недели од изборната кампања, Вучиќ бил прикажан позитивно во 96 проценти од прилозите на пет телевизии со национална фрекфенција. Од друга страна, Студентската листа била претставена негативно во 95 проценти од случаите.

Не е чудо што многу граѓани сега се гневни и нетрпеливи. „Најпрво очекувам да се смират страстите. Незадоволството на граѓаните од медиумите кои беа пропагандисти на власта и ширеа говор на омраза, наместо да бидат новинари, е огромно“, вели Александра Крстиќ, професорка по медиумски системи на Факултетот за политички науки во Белград.

„Со упад во медиум не се решава ништо. Регулаторното тело за електронски медиуми треба да покрене постапка за одземање на дозволата за емитување. Тоа е единствениот пат“, додава Крстиќ. И оваа институција во времето на владеењето на Вучиќ и СНС беше пополнета со луѓе лојални на власта. Тоа би можело да се промени со новиот парламентарен состав.

Милијарди евра за кабелски оператори, спорт и провладини телевизии

Државниот телекомуникациски концерн во текот на годините инвестираше повеќе од две милијарди евра во помали кабелски оператори, во телевизиски права за спортски натпревари кои привлекуваат голема публика, како и во директно финансирање десетици провладини телевизии. Неодамна, португалскиот фонд „Алпак Капитал“, сопственик на „Јуроњуз“, купи дел од последните критички настроени медиуми во Србија. Потоа следуваа разрешувања на главни уредници и притисоци врз новинарите да ја ублажат критиката непосредно пред изборите. Тоа сега би можело да се промени..

Во изборната програма на Студентската листа стои дека државниот телекомуникациски оператор „не смее да биде сопственик на телевизиски или радиостаници, ниту на онлајн-портали кои произведуваат информативна програма“. Исто така, телевизиите што ги информираат граѓаните треба да бидат достапни преку сите кабелски оператори.

„Се надеваме дека на одговорност ќе бидат повикани оние кои медиумите ги злоупотребуваа за пропаганда и оние кои тоа го плаќаа со парите на граѓаните“, вели Стеван Ристиќ, директор на независниот неделник „Време“ и претседател на Српското медиумско здружение.

„Се надеваме и дека повеќе нема да постојат привилегирани медиуми. Тоа би ја исчистило медиумската сцена и би им овозможило на независните медиуми конечно да опстојуваат на слободен пазар, каде рекламните приходи се заработуваат чесно, наместо да се насочуваат кон подобни медиуми. Накратко: законите конечно да се почитуваат“, изјави Ристиќ за ДВ.

Back to top button
Close