Брнабиќ тврди дека се подготвува апсење на Вучиќ


Потпретседателката на Главниот одбор на Српската напредна странка (СНС), Ана Брнабиќ, обвини дека се подготвува „хајка за апсење“ на Александар Вучиќ. Таа оцени дека целта не е утврдување на одговорноста за трагедијата во Нови Сад, туку политичко отстранување на Вучиќ.

Брнабиќ реагираше на социјалната мрежа „Икс“ по најавите за сослушување и можно апсење на Вучиќ во рамките на истрагата за уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

„Ветуваа револуционерен терор, гледаме револуционерен терор“, напиша таа, тврдејќи дека Вучиќ бил изложен на напади и невистини за време на изборниот молк, вклучително и за неговото семејство.

Брнабиќ праша зошто не биле сослушани или осомничени членовите на Ревизионата комисија, за кои тврди дека го контролирале проектот и дале согласност без дополнителни проверки. Според неа, Вучиќ се поврзува со случајот поради информации што ги имал за реализацијата на проектот.

Таа ја спореди истрагата со случајот од 2004 година, кога дел од покривот на терминал на парискиот аеродром „Шарл де Гол“ се урна и загинаа четири лица. Брнабиќ посочи дека тогашниот француски претседател Жак Ширак не бил главен осомничен.

„Овде целта е да се замолчи и отстрани Александар Вучиќ, а не да се дојде до правда“, порача Брнабиќ и најави дека СНС ќе се спротивстави на, како што го нарече, „револуционерниот терор“.

Во информациите за случајот нема потврда дека е донесена одлука за апсење на Вучиќ, ниту се наведени конкретни обвиненија против него.

Back to top button
Close