Трамп ги демантира вестите за мировни преговори: Писмото на Венс до Иран беше за хуманитарна и медицинска помош

/>Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека контактот на потпретседателот Џеј Ди Венс со Иран имал за цел да ѝ помогне на Исламската Република да добие медицински материјали, демантирајќи ги медиумските информации дека станува збор за иницијатива за обновување на мировните преговори.
Трамп категорично ги отфрли наводите откако „Волстрит џурнал“ и „Њујорк тајмс“ објавија дека Венс, по налог на американскиот претседател, испратил писмо до претседателот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи, во обид за обновување на преговорите меѓу двете земји.
– Се работи за тоа дека ним им е потребна помош со медицински материјали и разни други работи. Тој (Венс) ме праша што мислам. Му одговорив дека, ако сака да го направи тоа, нема проблем. Во суштина, станува збор за испорака на материјали за да им се помогне на луѓето кои не се чувствуваат добро – изјави Трамп пред новинарите.
Иранските медиуми претходно потврдија дека Техеран добил писмо од Венс, но посочија дека иранските власти сè уште немаат одговорено.
Иран одамна тврди дека американските санкции го попречуваат пристапот на цивилното население до медицински материјали. Во писмо испратено во август до Советот за безбедност на ОН, Иран ги обвини САД дека намерно ги лишуваат граѓаните од „пристап до храна, лекови, медицинска опрема, енергија и други производи од прва потреба, што има тешки последици врз нивните права на живот, здравје, храна и достоинствен живот“.
Во меѓувреме, дипломатските напори остануваат во застој. Во неделата, посредниците од Катар му претставија на Иран нова нацрт-спогодба за прекин на војната, но висок ирански претставник изјави дека Доха предложила само неприфатливи идеи кои не претставуваат вистински предлог.






