МВР го уапси и Билал Кара, сопственикот на ,,Санте Плус”, кој Албанија од лани го бара со потерница

Меѓу апсените во денешната акција на МВР, со која е опфатена приватната болница ,,Санте Плус” и вработени од ФЗО, е и сопственикот на болницата Билал Кара, за кого Албанија лани распиша потерница.
Како што неофицијално дознава ,,Фокус”,Кара веќе е спроведен во Кривичниот суд и изведен пред судија на претходна постапка.
Дознаваме дека е пронајдена и уапсена и
Гериана Арапи, поранешна директорка на болницата.
Кара во соседната земја се бара поради сомнежи за злоупотреби направени преку приватната клиника „Интернешнл Медикер“, поранешна „Санте Плус“, лоцирана во Албанија.
Кара, кој е еден од сопствениците на Клиниката, пред три години беше именуван за почесен конзул на Македонија во Република Турција, со седиште во Измир.
„Клиниката беше блокирана откако наводно не пријавила профит во вредност од 1 милион евра. Исто така, за време на проверките, полицијата откри дека оваа клиника давала лекови кои биле со истечен рок или шверцувани производи. Исто така, кај пет вработени беше утврдено дека се неосигурани“, објавија лани албанските медиуми.
МВР денеска соопшти дека од страна на полициски службеници при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во координација со ОЈО за ГОКК, спроведена е полициска акција, во рамки на истрага за сомнежи за незаконски постапки поврзани со операции на очи, при што сузбиена е криминална група, дел од нив поранешни и сегашни функционери на Фонд за здравствено осигурување во РСМ.
Поточно за операциите биле наплаќани средства и од Фондот за здравство, но и од пациентите. Биле оштетени од 3.000 до 4.000 пациенти.






