Франција со 70.000 полицајци ќе спречува насилства за Ноќта на вештерките и за викенд-протестите

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез денеска изјави дека повеќе од 70.000 полициски службеници ќе бидат распоредени низ целата земја и ќе реагираат со исклучителна решителност на евентуалните насилства за време и по протестите планирани за 31 октомври, на денот кога се одбележува Ноќта на вештерките.
Нуњез пред новинарите нагласи дека екстремно левичарски групи на социјалните мрежи повикале на организирање собири со цел да предизвикаат насилства тој ден, поради што безбедносните сили ќе ги преземат сите мерки за одржување на редот во градовите.
Синдикалните лидери и студентите повикаа на нови протести оваа сабота, како и на национален штрајк на 5 ноември, наведувајќи дека незадоволството од платите, трошоците за живот и јавните услуги се шири многу подалеку од студентското движење, кое минатиот месец ги започна протестите.
Минатиот викенд во Франција беа уапсени вкупно 1.314 лица за време на немирите што ги придружуваа демонстрациите, а 53 полициски службеници беа повредени, соопшти претходно оваа недела француското министерство за внатрешни работи. Според податоците на министерството, минатата сабота на протестните маршеви учествувале 410.000 луѓе. И тогаш властите распоредија 70.000 полицајци, со што спречија повторување на грабежите и вандализмот што зафатија многу француски градови на 17 октомври.






