Карни го објави „Планот за посилна Канада“: Пет приоритети за одбрана на суверенитетот и арктичката безбедност

Канадскиот премиер Марк Карни денеска ја претстави стратегијата „План за посилна Канада“, која претставува прва национална стратегија за безбедност на земјата по повеќе од две децении, соопшти неговиот кабинет.
Во соопштението се наведува дека планот ги одразува „длабоките промени во новата реалност“, меѓу кои се слабеењето на меѓународниот поредок заснован на правила и новите закани за канадскиот суверенитет, од кибернапади до инструментализација на трговските договори, со порака дека „границата меѓу економската и националната безбедност исчезна“.
– Во свет што брзо се менува, станува сè поопасен и поподелен, Канада мора да има капацитет да го брани својот суверенитет, отпорност да се спротивстави на новите закани и решителност сама да ја обликува својата иднина – изјави Карни.
Новиот план утврдува пет основни приоритети: зајакнување на економската безбедност и отпорноста; спроведување „дисциплинирана надворешна политика“ преку диверзификација на партнерствата; обновување на канадските вооружени сили; заштита на граѓаните од криминални закани и закани за националната безбедност; како и модернизација на разузнавачките капацитети.
Во областа на одбраната, владата најави дека ќе ја зајакне домашната одбранбена индустриска база, ќе ги забрза постапките за набавки и ќе ја зајакне безбедноста на Арктикот, истовремено придонесувајќи за стабилноста во Индо-Пацификот, на Блискиот Исток и во другите региони.
Планот предвидува и засилување на напорите за спречување странско мешање, шпионажа, насилен екстремизам и транснационален организиран криминал, вклучително и саботажи, изнуди, перење пари и избегнување санкции. Се предвидува и зајакнување на суверените разузнавачки капацитети на Канада, продлабочување на разузнавачките партнерства и ажурирање на законските овластувања, „истовремено заштитувајќи ги правата на канадските граѓани“.
Министерот за одбрана Дејвид Мекгинти истакна дека стратегијата е насочена кон изградба на Канада „која може самостојно да се потпира на сопствените сили, да дејствува самоуверено и да остане способен и сигурен сојузник и партнер“, додека министерката за надворешни работи Анита Ананд додаде дека безбедноста и просперитетот на земјата „сè повеќе се обликуваат од настаните надвор од нејзините граници“.






