Кога совеста молчи, неправдата станува систем

Трифун Костовски

Случајот со стечајот на Еуростандард банка за мене нема да биде затворен сѐ додека не се расчистат сите факти и додека, таму каде што ќе се утврди основа, не се покренат соодветни постапки за одговорност. Пораснав воспитуван во семејство кое не моли за правда, туку ја бара. Токму тоа го правам и јас.

Деновиве ја добив одлуката со која мојата жалба, за ослободување на имотот што веќе шест години е под мерки, повторно не беше прифатена. Шест години не можам слободно да стопанисувам и располагам со сопствениот имот. За мене е сè потешко да ја разберам логиката според која мерка е определена, во една сосема поинаква процесна состојба која сеуште продолжува да живее, речиси автоматски.

Во меѓувреме се случија суштински промени. На 5 јуни 2026 година беше запрен конкретниот сегмент од предметот што се однесуваше на перење пари. Еден месец подоцна ОЈО ГОКК поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против мене за друго кривично дело. На 18 септември 2026 година Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје се огласи за стварно ненадлежно за преостанатите дела и предметот беше насочен кон редовниот Оддел за полнолетни. Ова значи дека процесната слика денес е значително различна од онаа пред шест години. Токму затоа, очекував и мерките врз мојот имот да бидат преиспитани со денешните факти, а не само со аргументите од почетокот на истрагата која во изминативе 6 години се покажа како измислена или тенденциозна.

Правната држава не се познава по тоа колку долго може да се држи човек под мерка, туку по тоа дали има храброст и професионалност повторно да провери дали мерката сè уште има смисла

Ако мојот имот и понатаму треба да остане замрзнат, сакам да знам која конкретна опасност денес се обезбедува со таа мерка. Ако се обезбедуваат евентуални побарувања на оштетени, тогаш мора да се погледне реалната состојба на стечајната маса, досегашните исплати и преостанатите обврски. Ако постои друга законска цел, и таа треба јасно да биде наведена и образложена. Не можам да прифатам мерката да стане казна пред пресудата. Ме загрижува и нешто друго. По шестгодишна истрага, институциите многу лесно продолжуваат со ограничувањата врз човекот, а многу потешко ја преиспитуваат сопствената работа. Јас токму тука ја гледам опасноста за правосудниот систем, не во постоењето на обвинителства, судови и закони, туку во можноста одлуките да продолжат по инерција откако фактите веќе се измениле.

Не сакам да верувам дека некој во обвинителството има нешто лично против мене, тоа би било премногу едноставно објаснување. Сакам да верувам дека во нашиот правосуден систем има многу професионални и чесни луѓе кои знаат дека нивната должност не е само да ја бранат претходна институционална одлука по секоја цена, туку постојано да ја проверуваат нејзината законитост и оправданост.

Токму на тие луѓе им се обраќам. Професијата што ја избрале им дала огромна моќ врз животот, имотот, достоинството и иднината на луѓето. Со таа моќ доаѓа и огромна одговорност.

Европската Унија во своите извештаи континуирано го става владеењето на правото, ефикасноста на судството, независноста и интегритетот на правосудните институции меѓу клучните прашања за Македонија. Тоа не треба да го доживуваме како навреда за државата, туку како предупредување дека довербата во правосудството не се создава со декларации, туку со конкретни и образложени одлуки.

Токму затоа, не сакам мојата борба да се толкува како борба против Македонија, ниту само како моја лична борба. Македонија е мојата земја и ова е борба за правниот систем. Целиот живот сум вложувал во Македонија, сум создавал работни места, сум помагал за развивање на спортот, културата, верски и хуманитарни проекти, сум го внесувал капиталот создаван надвор од земјата. Својот труд и финансискиот бенефит сум го вложил во Македонија. Многу ми е тешко, кога поради начинот на кој се водат вакви предмети ќе морам правната заштита да ја барам и надвор од државата. Ако домашните институционални механизми не дадат резултат, постојат и меѓународни правни механизми за заштита на инвестицијата и имотните права. Не ја гледам евентуалната инвестициска арбитража како закана кон мојата земја, туку како последното средство. Дојдов во ситуација на нужност, да направам нешто што не сакам, а морам. Принуден сум. Свесен сум дека цената на меѓународниот спор не ја плаќа некоја апстрактна институција. Таа на крајот паѓа врз јавните финансии, врз буџетот и врз граѓаните. Затоа, многу е поразумно државата навреме да ги преиспита сопствените одлуки отколку години подоцна да плаќа за нивните последици.

Тешко ми паѓаат и нападите дека сум еден од таканаречените транзициски богаташи чиј стекнат капитал е преку криминал или приватизацијата на Македонија. Тоа не е мојата животна приказна. Најголемиот дел од своето богатство го создадов работејќи надвор од Македонија, а потоа тој капитал го внесував и вложив во саканата држава.

Често се споменува и ,,Порцеланка” од Велес. Во неа влегов кога фабриката беше во исклучително тешка состојба. Инвестиравме во нова опрема, производството беше обновено, се користеа домашни суровини, а вработените во периодот на моето управување беа редовно исплаќани. Подоцна, во услови на светска економска криза и високи енергетски трошоци, фабриката ја изгуби конкурентноста. Во тоа време барав решение преку пристап до природен гас и инфраструктурна инвестиција кон велешката индустриска зона. За тие ситуации постојат луѓе и документи што можат да докажат факти, многу попрецизно од денешните коментари на социјалните мрежи. Не очекувам секој човек да ме сака, ниту секој да ја прифати мојата верзија на укажувањата. Очекувам само, пред да се изрече осуда, да постои волја за проверка на фактите.

Токму тука се враќам на насловот на моето обраќање, совеста.

Совеста не е член од закон, ниту судска одлука, но без неа ниту еден закон не е доволен. Зад секое решение стои човек, а зад секој потпис стои лична одговорност. Затоа мојата порака до институциите е едноставна: преиспитајте ги одлуките со денешните факти, а не со вчерашните претпоставки. Ако мерката врз мојот имот има реална и законска цел, покажете ја. Ако таа цел веќе не постои, тогаш нема ниту праведна причина мерката да продолжува. Пред да се осуди треба да се преиспита, а за преиспитување треба да се има совест, грижлива совест не само за себе, туку и за другите.

Кога институцијата ќе престане да се преиспитува, грешката станува систем. А кога совеста ќе замолчи, неправдата почнува да изгледа нормално

Јас продолжувам.

Back to top button
Close