Вода тече од таваните во реновираниот дом „Стив Наумов“, студентите пријавуваат поплавени соби и проблеми со греењето
Поплавени студентски соби, вода што се слева од таваните и силна бучава од системот за греење ги вознемириле студентите во домот „Стив Наумов“ во Скопје, иако објектот неодамна беше целосно реновиран.

Платформата „Студентарија“ објави видеоснимки доставени од студентите, на кои се гледа поплавена соба во која водата се разлева меѓу креветите и шкафовите, како и други проблеми со кои се соочиле станарите во текот на изминатата ноќ.
Од „Студентарија“ посочуваат дека домот повторно ги примил студентите во оваа академска година, по обемна реконструкција вредна околу 10 милиони евра. Поради тоа, новите проблеми отвораат прашања за квалитетот на изведените работи и за тоа дали сите недостатоци биле отстранети пред вселувањето.
Министерството за образование и наука пред неколку дена потврди дека во домот имало одредени инциденти. Меѓу нив биле откорнат радијатор, активирање на алармниот систем и паркирање автомобили на зелените површини во дворот.
Од МОН информираа дека алармите се активирале во два наврати – поради храна оставена во вклучена микробранова печка во чајната кујна и поради запалена цигара во студентска соба.
Од Министерството тогаш посочија дека одредени недостатоци може да се појават при користењето на објектот, но и дека дел од проблемите може да бидат последица на несовесно однесување на самите корисници.






