European Eye Hospital ги отфрла обвинувањата за штета нанесена на пациентите
Очната болница „European Eye Hospital“ од Скопје реагираше на, како што наведува, невистините што вчера беа објавени на интернет-порталите во врска со нејзиното работење.

Од болницата велат дека се подготвени да соработуваат со надлежните институции и најавуваат дека ќе преземат сè што е во нивна моќ за, како што посочуваат, вистината да излезе на виделина. Во реакцијата ги отфрлаат обвинувањата за каква било штета нанесена на пациентите и потенцираат дека и покрај повеќе од една година без поддршка од Фондот за здравствено осигурување, успеале да го задржат квалитетот на услугите и пристапните цени на интервенциите.
-Во текот на денешниот ден, на интернет-порталите беа распространети многу невистини поврзани со нашата здравствена установа, European Eye Hospital во Скопје. Преку ова соопштение сакаме да ги информираме сите наши пациенти, соработници и пошироката јавност дека, со континуирани напори, ќе направиме сè што е во наша моќ вистината да излезе на виделина. Истовремено, ги уверуваме институциите дека сме подготвени за соработка, како и секогаш досега.
Нашата установа никогаш не оштетила ниту еден пациент, ниту од здравствен, ниту од морален или финансиски аспект. Напротив, и по повеќе од една година без поддршка од ФЗО, успеавме да го зачуваме квалитетот, хуманоста и пристапноста на цените на офталмолошките интервенции за сите.
Јавно ги повикуваме сите портали: оставете ги институциите да ја вршат својата работа. Покажете професионализам и почит кон законите, интегритетот и достоинството на сите – велат од болницата.






