Скопјанецот кој запали две бугарски дипломатски возила ја призна вината: „Сам одлучив“
Четириесет и четиригодишниот Скопјанец обвинет за палењето на две дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје ја призна вината на денешното судско рочиште.

„Се чувствувам виновен и во целост ја признавам вината. Сам одлучив“, изјавил обвинетиот пред судот.
Инцидентот се случил на 15 јуни 2026 година, околу 12:05 часот, кога обвинетиот запалил две дипломатски возила паркирани пред Амбасадата на Бугарија, на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Според информациите изнесени на рочиштето, во моментот на палењето носел маица со ликот на Гоце Делчев.
Според досегашните сознанија, тој со автобус пристигнал во центарот на Скопје, а потоа на бензинска пумпа во близина на амбасадата наполнил бензин во пластично шише. Со горивото ги полеал паркираните возила, ги запалил со запалка и го напуштил местото.
Опожарените автомобили ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во дипломатското претставништво. Полицијата истиот ден го идентификувала и го привела осомничениот.
Првично, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за предизвикување општа опасност, но по дополнителните сознанија предметот го презело Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. На 16 септември било поднесено обвинение за загрозување лица под меѓународна заштита.
На денешното рочиште било посочено дека обвинетиот во моментот на извршување на делото бил пресметлив, но дека кај него биле утврдени одредени нарушувања. Поради тоа, пред судот ќе биде повикан и вештак.
Следното судско рочиште е закажано за 11 ноември.






