Се чекаат ДНК-вештачењата за двете убиства во Ѓорче Петров – Обвинителството бара нов притвор за осомничените
Обвинителството продолжува со прибирање докази за двата случаи на разбојништво со смртни последици во скопските населби Хром и Ѓорче Петров, за кои беа приведени четири лица. Надлежниот јавен обвинител денеска ќе достави до судот предлог за определување нов краткотраен притвор во траење од 48 часа, потврдиле од Обвинителството за „Скопје1“.

„Се преземаат дејствија за прибирање докази, јавниот обвинител до судот денеска ќе достави предлог за определување нов краткотраен притвор од 48 часа“, соопштија од Обвинителството.
Според неофицијални информации на „Скопје1“ од извори запознаени со истрагата, во моментов се очекуваат резултатите од ДНК-вештачењата, кои треба да бидат дел од доказниот материјал што го прибираат истражните органи.
Во врска со двата случаи претходно беа приведени А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58), сите од Скопје, како и М.Р. (26) од Струмица. Полицијата ги поврза со двата настана, кои ги истражува како разбојништва со смртни последици.
Првиот случај беше откриен на 22 октомври во населбата Хром, каде што во својот дом беше пронајден починат 62-годишниот С.Ј. со траги од насилство. На 27 октомври, во куќа на улицата „Ѓурчин Кокале“ во Ѓорче Петров, беше пронајдена почината и 76-годишната О.А., исто така со траги од насилство.
„Скопје1“ претходно објави, повикувајќи се на извори од МВР, дека сите четворица приведени дале признанија, како и дека тројца биле директно инволвирани во делата, додека за четвртото лице се разгледува можноста да одговара за помагање. Овие информации засега немаат официјална потврда од Обвинителството.
Новиот предлог за краткотраен притвор треба да овозможи продолжување на доказните дејствија. Дали ќе биде определен дополнителен притвор од 48 часа ќе одлучува надлежниот суд.
Истрагата продолжува, а се очекува ДНК-вештачењата и останатите докази да придонесат за утврдување на околностите и индивидуалната улога на секој од осомничените.






