Мицкоски чека одговор од студентите за предложениот нов модел за студентскиот оброк
„Ни беше ветено дека истиот ден, до вечерта, ќе добиеме драфт-верзија на тоа што тие ќе го комуницираат со колегите. Не ја добивме. Денеска е втор ден и се надевам дека ќе ја добиеме“, вели премиерот

Во однос на полагањето на правосудниот испит, Мицкоски денеска посочи дека решението што го изнело Министерството за правда е предлогот што го изработила Владата, оценувајќи дека досега немало конкретна иницијатива за надминување на ова прашање
Владата очекува повратен одговор од студентите за предлогот за измена на моделот на субвенционираниот студентски оброк, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Очекувањата на Мицкоски доаѓаат откако пред два дена заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска имаа двочасовна средба со студентите на која освен за субвенционираниот студентски оброк било разгледано и прашањето за полагањето на правосудниот испит и можните решенија за него.
Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека на средбата со студентите им бил образложен владиниот предлог за студентскиот оброк, за кој, според него, и студентите се согласиле дека е подобро решение од актуелниот модел.
„Имавме конструктивна средба која траеше два часа. Ние им го објаснивме предлогот што го има Владата и цениме дека тој предлог е многу подобро решение од тоа што сега го имаат, за што и тие се согласија. Сега чекаме повратен одговор. Ни беше ветено дека истиот ден, до вечерта, ќе добиеме драфт-верзија на тоа што тие ќе го комуницираат со колегите. Не ја добивме. Денеска е втор ден и се надевам дека ќе ја добиеме“,изјави Мицкоски.
Во однос на полагањето на правосудниот испит, Мицкоски денеска посочи дека решението што го изнело Министерството за правда е предлогот што го изработила Владата, оценувајќи дека досега немало конкретна иницијатива за надминување на ова прашање.
Според Мицкоски, владиниот предлог, кој треба да биде доставен до Венецијанската комисија, треба да овозможи полагање на испитот на јазикот на кој е завршено високото образование, односно остварување на правото на користење на мајчиниот јазик, но истовремено и почитување на принципот на владеење на правото.
„Решението што го нудиме е решение кое од една страна нуди задоволување на правото да се полага испитот на јазикот на кој е завршено високото образование, односно правото на својот мајчин јазик, а од друга страна да имаме владеење на правото, затоа што принципот „франка лингва“, односно еден јазик во правосудството, е практично главната препорака во мислењето што го дава Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците“кажа Мицкоски.
Инаку, покачување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 3.500 на 4.500 денари месечно, можност за дополнителни попусти при купување храна и воведување посебна дигитална услуга преку апликацијата „м.Услуги“, им предложила Владата на претставниците на студентските парламенти, кои завчера се сретнаа со премиерот Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и други владини претставници.
По средбата со Мицкоски и Јаневска, студентите рекоа дека генерално се отворени за нов систем за користење на субвенционираниот студентски оброк, но инсистираат на зголемување на сумата предвидена за оваа намена. Претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ангела Василевска, вели дека зголемувањето на сумата не било дискутирано на средбата.
За предлогот за новиот начин на субвенционирање преку ваучери, како што рече, ќе биде отворена платформата „Студентски референдум“, на која студентите ќе може самите индивидуално да се изјаснат. Што и да биде конечниот одговор на студентите, вели Василевска, останува барањето за повисок износ за студентски оброк.





