Судот му го одзеде пасошот на Билал Кара од Европската очна болница, под истрага е за перење пари

Претседателот на Управниот одбор на Европската очна болница Билал Кара е под истрага за перење пари, а судија на претходна постапка при скопскиот Кривичен суд ноќеска донел одлука како мерка за претпазливост да му биде одземен пасошот, да му се забрани да ја напушта Македонија и да има обврска да се јавува во судот, потврдиле за „Слободен печат“ од скопскиот Кривичен суд.

Под истрага за „измама во службата“ е и Гериана Арапи, поранешна директорка на „Санте плус груп“, во чија сопственост е „Европската очна болница“. И за неа судијата изрекол мерки на претпазливост, како и за сегашната управителка на специјалната болница по гинекологија „Санте плус груп“ Селма Амет.

Инаку, Билал Кара и Гериана Арапи, според објавите во албанските медиуми од лани се барани во Албанија, откако полицијата во Тирана ја финализираше акцијата „Биланци“. Во оваа акција беше уапсен одговорниот на поранешната приватна болница „Санте Плус Албанија“, Едмонд Заја, а акционерите Билал Кара и Гериана Арапи не им биле достапни на органите во Албанија.

Истрагата таму, според медиумските написи открила дека субјектот кој го променил името во „Меѓународна болница Медикер“, имал скриена добивка од над еден милион евра и користел забранети производи за здравствени услуги. Исто така, беше откриено дека биле вработени неосигурени лица и дека се вршело избегнување на плаќање данок.

Според информациите кои се објавени на „Компани вол“, компанијата „Европска очна болница“ во скопски Ѓорче Петров, со која се поврзани и Билал Кара и Гериана Арапи, има долг за данок на доход од 1.455.245 денари, а фирмата не е блокирана. Вчера министерот за здравство Сашо Клековски рече дека една од причините поради кои што се спроведува истрагата е тоа што наводно „Европската очна болница“ наплаќала пари за очни интервенции и од пациентите и од Фондот за здравство, поточно дека станувало збор за двојна наплата на овие здравствени услуги. Тој спомена и дека низ годините имало бројни пријави до Државниот здравствен инспекторат за оваа приватна здравствена установа.

Во септември 2025 година, „Слободен печат“ се обрати до Државниот здравствен и санитарен инспекторат и ги побаравме сите пријави коишто до нив дошле за „Европска очна болница“ од пациенти. Во одговорот добивме неколку примери за пријави. Меѓу нив е и анонимна писмена преставка примена на 23.12.2024 година преку Државниот инспекторат за труд.

„Во претставката е наведено дека во ПЗУ Европска очна болница прегледи на пациенти и хируршки интервенции изведува д-р Себахатин Ташкиран од Република Турција, кој не потпишува ниту еден медицински документ, а се претставувал како лиценциран специјалист по офталмологија. При вонредниот инспекциски надзор на 21.01.2025 год. од страна на вработените и адвокатот на установата е потврдено дека д-р Себахатин Ташкиран обавува здравствена дејност во болницата, но не е потпишан на ниту еден медицински документ и нема лиценца за работа издадена од Лекарска Комора на Република Северна Македонија. Исто така, констатирано е дека во на ниту едно отпусно писмо за оперирани пациенти нема потпис и факсимил на докторот кој ја извршил интервенцијата. Од страна на ДСЗИ издадено е решение со наредба за отстранување на констатираните недостатоци. Наложено е да се достави на увид лиценца за работа за др Себахатин Ташкиран, бидејки бевме информирани дека постапката е во тек, односно дека веќе е доставено барање до Лекарска комора за добивање на лиценца. До денес не ни е доставена на увид лиценцата“, ни одговорија од ДСЗИ на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер кое го доставивме до нив лани.

…

Повеќе

Back to top button
Close