Американската војска: Главните пловни рути низ Ормуската Теснина се исчистени од мини

Главните меѓународно признати пловни рути во Ормуската Теснина се исчистени од ирански морски мини и бродовите слободно минуваат низ овој воден пат, изјави командантот на Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ), адмиралот Бред Купер.

Во видеоснимка објавена на профилот на ЦЕНТКОМ на социјалната мрежа Икс, Купер рече дека претходно оваа недела летал над Ормуската Теснина и видел десетици трговски бродови од различен вид како минуваат низ неа.

– Еве што не видов – не видов припадници на Иранската револуционерна гарда во тоа подрачје, кои со години патролираа таму, ги малтретираа и им се закануваа на трговските бродови, рече Купер, тврдејќи дека иранската морнарица „е на дното на морето“.

Американските сили, како што наведе, остануваат во состојба на висока готовност и се присутни за да обезбедат сите главни пловни рути во Ормуската Теснина да останат слободни и безбедни.

Иран повеќепати тврдеше дека ја контролира Ормуската Теснина. Претходно денеска, Иранската револуционерна гарда соопшти дека спречила два танкера да поминат низ јужниот дел на Теснината, обвинувајќи ги бродовите дека се обиделе да користат „неовластени пловни рути“ со поддршка на американската војска.

Back to top button
Close