Спаиќ предупредува на опасност за Црна Гора: Под лупа врските на медиумите со М-тел и Алта групацијата

Премиерот на Црна Гора, Милојко Спаиќ, денеска изјави дека актуелните случувања во земјата и регионот ја потврдуваат сериозноста на информациите со кои располагаат домашните и партнерските безбедносни служби за можно хибридно дејствување. Неговото обраќање следува откако неговото движење „Европа сега“ (ПЕС) побара парламентот да ги испита врските на телевизиите со национална покриеност со М-тел, Алта банка и Алта пеј групацијата.

„Актуелните процеси во земјата и регионот ја потврдуваат сериозноста и квалитетот на информациите со кои располагаат нашите и партнерските безбедносни служби, а на кои предупредував уште кон крајот на август“, напиша Спаиќ на социјалната мрежа Икс.

Тој изјави дека очекува институциите, врз основа на фактите, да утврдат „кој навистина ги бранел државните интереси, а кој, потпирајќи се на неформални центри на моќ од други држави и користејќи недозволени механизми, се обидувал да ја загрози стабилноста на Црна Гора и да го запре нејзиниот пат кон Европската Унија“.

Спаиќ на 27 август соопшти дека Владата располага со сериозни безбедносни оперативни информации според кои затворањето на нови преговарачки поглавја со ЕУ би можело да биде проследено со координирано хибридно дејствување, во кое би биле вклучени функционери од најмалку две држави во регионот. Тогаш не посочи за кои држави станува збор, но рече дека се очекува поддршка од одредени политички актери и дел од медиумската сцена во Црна Гора.Пратеничката група на ПЕС побара контролно сослушување пред собранискиот Одбор за безбедност и одбрана поради можно странско хибридно влијание врз медиумскиот и политичкиот простор во Црна Гора.

ПЕС бара да се испитаат финансиските, сопственичките и деловните односи на телевизиските радиодифузери со национална покриеност со компаниите М-тел, Алта банка, Алта пеј груп и други поврзани субјекти, како и евентуалните врски што би можеле да укажуваат на организирано остварување политичко влијание од странство.

Целта, како што е наведено, е да се утврди дали финансиските, телекомуникациските и медиумските канали биле користени за влијание врз јавното мислење, уредувачката политика и демократските процеси, како и дали постојат безбедносни ризици за Црна Гора.

Во иницијативата не се наведени докази дека таквото влијание навистина се случило, туку се бара тоа да го испитаат надлежните институции.

М-тел работи во Црна Гора од 2007 година и е еден од најголемите телекомуникациски оператори во земјата, со услуги за мобилна и фиксна телефонија, интернет и телевизија.

Алта банка и Алта пеј груп се дел од деловниот систем на српскиот бизнисмен Давор Мацура.

Народната банка на Србија (НБС) на 30 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка во Белград, по спроведените контролни активности при кои било утврдено дека финансиската состојба на банката значително се влошила и дека постои можност за натамошно влошување на нејзината ликвидност, со што се загрозени интересите на депонентите.

Управувањето со банката ѝ е пренесено на Агенцијата за осигурување на депозити, а НБС соопшти и дека се поведени соодветни постапки против банката, нејзините акционери, органите на управување и други одговорни лица.

Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ) потоа соопшти дека Алта банка нема дозвола за банкарско работење во Црна Гора и дека одлуката на српскиот регулатор не ја загрозува стабилноста на црногорскиот финансиски систем.

Во Црна Гора, сепак, работи Алта пеј груп Подгорица, која има дозвола од ЦБЦГ за давање платежни услуги и трансфер на пари. Дозволата ѝ е издадена во јануари 2024 година. ЦБЦГ нагласи дека оваа компанија не е банка и дека не прима депозити од граѓаните.

ЦБЦГ вчера соопшти и дека, уште пред последните случувања во Србија, започнала проверки дали Алта пеј груп Подгорица и натаму ги исполнува законските услови за давање платежни услуги. Постапката, според соопштението на ЦБЦГ, сè уште е во тек.

На сопственикот на Алта групацијата, Давор Мацура, на 14 октомври му бил забранет влез во Црна Гора, откако слетал на аеродромот во Подгорица.

Според пишувањето на подгоричкиот весник „Вијести“, на Мацура му бил оневозможен влез од причини поврзани со националната, односно внатрешната безбедност. Весникот подоцна објави дека решението на Управата на полицијата за забрана на влез било донесено уште на 18 јули и дека забраната важи две години.

Правните застапници на Мацура тврдат дека не е образложено со кои конкретни постапки тој би ја загрозил безбедноста на државата и побарале укинување на забраната, предупредувајќи и на можноста за меѓународна арбитража.

Мацура е сопственички поврзан со системот Алта пеј, додека Алта групацијата, според достапните деловни податоци, била стопроцентен сопственик на Алта банка. Мацура бил и претседател на Управниот одбор на банката.

Црногорските медиуми неодамна објавија дека Мацура се обидел индиректно да влезе во сосопственички односи во некои луксузни објекти на приморјето, но дека тоа му било оневозможено.

Back to top button
Close