Тројца кочански пожарникари повредени во пожар, се отвори прашањето за дотраената опрема

Тројца пожарникари од Територијалната противпожарна единица во Кочани завршиле во болница со повреди по големиот пожар што избувна денеска. Кај двајца од нив биле констатирани изгореници на рамениците и подлактиците, иако овие делови од телото не биле директно изложени на огнот и топлината.

Според објавените информации, повредите настанале откако топлината продрела низ заштитната облека, што повторно го отвори прашањето за состојбата на опремата со која располагаат кочанските пожарникари.

Во реакцијата се посочува и на недостиг од исправни противпожарни црева, од кои, според објавените фотографии, истекува вода, а се губи и потребниот притисок. Се предупредува дека единицата се соочува со сериозен недостиг од заштитна облека, црева, возила и друга основна опрема.

Дополнително, се посочува дека пожарникарите во изминатите две години биле изложени на голем број тешки интервенции, повреди и исцрпеност, а единицата се соочува и со недостиг од човечки кадар. Иако биле изгласани пет нови вработувања на Советот, тие сè уште не се реализирани, додека поради пензионирање бројот на пожарникари дополнително се намалил.

Од авторите на објавата упатуваат прашање до надлежните што уште треба да се случи за итно да се преземат конкретни мерки за подобрување на условите за работа и обезбедување соодветна опрема.

„Човечкиот живот нема цена“, се наведува во реакцијата, со повик да се заштитат и пожарникарите кои секојдневно ги ризикуваат сопствените животи и здравје за да им помогнат на граѓаните.

Back to top button
Close